Со нови дуални паралелки во Велес, ќе се обезбедува стручен кадар

Извор на фотографија: Министерство за образование и наука

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска како дел од отворените денови на кампањата „Учи паметно, работи стручни“ ги посети двете средни стручни училишта „Коле Неделковски“ и „Димитрија Чуповски“ во Велес, каде од септември се отвораат нови паралелки со струки барани од компаниите, информираат од Министерството за образование и наука.

На штандови поставени во училишните дворови полуматурантите имаа можност да се информираат на придобивките и можностите кои ги нуди средното стручно образование.

„Среќна сум што има голем интерес кај деветтодделенците да дознаат повеќе за средното стручно образование и што имав можност да разговарам со нив кои се нивните афинитети. Овде во Велес и тоа како е потребен кадар од областа на машинството, електротехниката, хемиско-технолошката, угостителско – туристичката струка и секако здравствената струка”, изјави министерката Царовска.

Таа верува дека младите нема да погрешат ако одлучат да одберат некоја од посочените струки, особено оние каде што има дуално образование, а тоа e во хемиско – технолошката и машинската струка, преку кое, благодарение на поддршката од крупни локални компании како „Брако“, „Леов“, „Маркарт“ и „Ронтис“ ќе има добро организирана практична обука за учениците директно на работно место.

Министерството за образование и наука од идната учебна година воведува стипендии од 3.500 денари месечно за учениците од месечно дуална паралелка. Воедно, мотив за младите треба да им биде можноста за брз и успешен настап на пазарот на трудот по формализација на образованието.

„До уписите во средно преостанува нешто повеќе од 1 месец, доволно време за полуматурантите добро да размислат и да донесат вистинска одлука според личните афинитети и состојбата на пазарот на трудот”, рече Царовска.

Во двете средни стручни училишта во Велес е планирано да се запишат вкупно 508 ученици во прва година. Од нив 322 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик се во СОУ “Коле Неделковски“, а останатите 186 во 6 паралелки на македонски јазик во СОУ “Димитрија Чуповски“.