Новата патарина кај Демир Капија на автопатот на Коридор 10 ќе биде готова со изведба во наредните месец и половина. На оваа наплатна станица ќе се собира надоместокот за изминати километри на делницата од Градско до Демир Капија, а граѓаните за своите автомобили ќе плаќаат по 80 денари во еден правец. Висината на надоместокот за оваа патарина веќе е утврдена во Одлуката за висината и начинот на наплата на надоместокот за употреба на патот, која што беше донесена во јуни годинава.

Со изградбата на новата патарина кај Демир Капија, граѓаните во иднина ќе треба да плаќаат патарина од 360 денари во еден правец за возење по автопатот од Скопје до Гевгелија, доколку остане во сила постоечката одлука за висината на патарините.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, на вчерашната прес – конференција во владата напомена дека пресметката на надоместокот за патарина е според истата методологија донесена од претходната влада. Износот на надоместокот за извозено растојание од еден километар изнесува 2,5784 денари за возилата од прва категорија Б.

– Мислам дека имаме прифатливи цени, коишто севкупно се инвестираат во одржување на патиштата. Градежната експанзија ќе заврши за 5 – 7 години. После тоа, по некои проценки на ЕБОР, само за одржување на тие патишта ќе ни требаат околу 100 милиони евра годишно – посочи Зоран Китанов.

Наплатната станица кај Демир Капија треба да биде последната патарина што ќе се гради на патниот Коридор 10 во земјава, а нејзиното пуштање во функција е резултат на целосната изведба на ниво на автопат на трасата од Табановце до Гевгелија. Јавното претпријатие за државни патишта кон крајот на август годинава ја пушти во употреба патарината кај Гевгелија, која што го собира надоместокот за користење на делницата Демир Капија – Гевгелија и каде што се плаќа по 100 денари за автомобил во еден правец.

На Коридорот 10 веќе е воведен електронскиот систем за наплата на патарина, со кој граѓаните можат да остварат попуст од 2 до 7 отсто за патарина доколку ги користат електронските картички или тагови. За намалување на цената на патарината од 2 отсто, треба да се изврши надополнување од 2 отсто на електронскиот уред, додека попуст од 7 отсто има само за оние граѓани што ќе извршат надополнување на картичката или тагот за сума од над 300.001 денари.