Владата го достави до Собранието предлог-законот за управување со движењето на предметите во судовите со барање тој да биде усвоен во скратена постапка.

Со предлог-законот, кој содржи 18 члена се предвидува обезбедување на правото на „природен“ судија при распределба на предметите во судовите, управување со движењето на предметите во судовите преку користење на автоматизиран компјутерски систем за управување со судски предмети, спречување на застој во движењето на судските предмети и создавање на заостаток на нерешени судски предмети, како и почитување на законските рокови за преземање на процесните дејствија.

Се утврдуваат и законските рокови за донесување, изготвување и објавување на судските одлуки.

Предлог-законот предвидува должност и одговорност на претседателот на судот да ја следи состојбата со управувањето на движењето на предметите во судовите. Во него, се уредува и начинот на формирање и функционирање на Работно тело за управување со движењето на предметите во судот.

Имено, истото го формира претседателот на судот и со него раководи судски администратор, а во судовите каде нема судски администратор лице определено од страна на претседателот на судот.

Членови на телото се претседателите на судските оддели и судски службеници од редот на раководните судски службеници односно стручни судски службеници и службеникот задолжен за Автоматизираниот систем.

Судијата и судскиот службеник ќе бидат должни дејствијата предвидени со автоматизираниот систем да ги превземаат истиот ден односно најдоцна до крајот на наредниот работен ден.

„Ова е со цел да не се дозволи создавање на заостаток на предмети и да се создаде впечаток на можност за рачно распоредување на предметите. Сепак предлагачот на законот, а единствено заради зголемен обем на работа, предвидува дејствијата во врска со движењето на предметите во судовите да бидат преземени најдоцна во рок од три работни дена и тоа врз основа на писмено одобрение од страна на судскиот администратор, односно лице овластено од претседателот на судот во судот каде нема судски администратор“, се појаснува во предлог-законот.

Во новата регулатива се пропишува и начинот на објавување на правосилните судски одлуки на веб страницата на судот, и начинот за нивното анонимизирање.

„Овластениот судски службеник на првостепениот суд е должен во рок од седум дена од денот на правосилноста на судската одлука, односно од денот на доставување на одлуката од страна на повисокиот суд, да ја објави на веб страницата на судот со име и презиме на странките, односно називот на правното лице, при што се анонимизира адресата на живеалиште, односно престојувалиште или седиштето на странките, единствениот матичен број на граѓанинот или единствениот матичен број на субјектот на упис и личните податоци на сведоците и оштетените во постапката“, се вели во предлог-законот.

Во случаите кога јавноста е исклучена согласно Уставот, законот и ратификуваните меѓународни договори, судските одлуки без образложение се објавуваат на веб-страницата на судот.

Во предлог-законот се прецизира надлежноста на Врховниот суд да води база на правосилни и неправосилни судски одлуки со интегрални текстови без
анонимизација и до истите може да имаат пристап само судиите и Судскиот совет, имајќи го во предвид новиот начин на оценување на судиите и претседателите на судовите преку непосреден увид во судските предмети.

Се предвидува можност на други лица, исклучиво заради научно -истражувачки цели да имаат пристап до базата, но со претходна дозвола од страна на Претседателот на Врховниот суд и мислење од Работното тело за стандардизација на постапките при користењето на Автоматизираниот систем.

Исто така, во новата регулатива се прецизира обврската за надзор над автоматизираниот систем од страна на Комисија формирана од страна на министерот за правда и воедно се определува правото за паричен надоместок за учеството во работата на комисијата.