Само еден лобист е регистриран во нашата земја од 2008 година, кога стапи на сила Законот за лобирање до денеска, што покажува дека регулативата во пракса не ги остварува предвидените цели, се вели во образложението на новиот предлог-законот за лобирање за кој утре (20.01.2021) треба да расправаат членовите на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Во него се додава дека постои широко распространето лобирање надвор од законската рамка, со скриени нелегитимни и нелегитимирани интереси и дека за да се спречат можни коруптивни влијанија е потребно носење на нов Закон за лобирање.

Во предложениот закон, кој има предзнак европско знаменце се дефинира дека лобирањето претставува активност со цел остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување на: закони, подзаконски или други, општи акти, јавни политики односно програми што ги носат органите кај кои се лобира, особено кога тие политики односно програми се однесуваат на просторното планирање, развој и доделување односно распределба на јавни средства.

„Лобирањето подразбира контакт со лице кај кое се лобира, со цел
конкретно насочено влијание врз процес односно врз содржина на јавни политики односно програми, прописи и други општи акти, а кој контакт се остварува вон утврдена и започната постапка односно процедура и не претставува јавно соопштен став односно мислење“, пишува во предлог-законот.

Се прецизира дека лобирање може да вршат само домашни или странски физички лица лобисти регистрирани согласно одредбите од законот. По исклучок, во име и за сметка на лоби организација (домашно или странско правно лице) лобирање може да врши застапник по закон, вработен или овластено лице на лоби организацијата.

Органите кај кои се лобира се должни со внатрешни акти да утврдат процедури, односно правила. Со нив треба да се уредат остварувањето и евиденцијата на контактите со цел лобирање, идентификувањето и евиденцијата на лицата кои остваруваат контакти во институциите и транспарентни процеси на подготвување, донесување и изменување на јавни политики односно програми, закони или подзаконски или други општи акти.

Во процедурите треба се вклучат и објавување на податоци за идентитетот на сите учесници во процесот, субјектите чии интереси биле застапувани, условите под кои учеството било остварено и исплатените надоместоци за истото.

Надзор над примената на одредбите од овој закон ќе врши Државната комисија за спречување на корупцијата.