Фото: Влада на РСМ

Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија, плаќаат повисока „премија“ за да привлечат странски директни инвестиции преку пониски даноци поради неможноста да конкурираат со владеење на правото, контрола на корупцијата, довербата во институциите во што Хрватска и Словенија се поконкурентни, се укажува во студијата „Привлекување на странските инвестиции во регионот на Западен Балкан и државната помош: трка до дното или неопходност?“ на Центарот за економски анализи (ЦЕА).

Во неа, се вели дека поради тоа овие земји се обидуваат да се надминат меѓусебно со стимулативни мерки за привлекување на странски директни инвестиции, предизвикувајќи таканаречена трка до дното.

„Феноменот на „трка до дното“ се случува кога државите од една страна ги намалуваат даноците, а од друга страна ја зголемуваат државната помош за странските компании со цел да привлечат повеќе странски директни инвестиции. Притоа, доколку ваквите политики не се адекватно дизајнирани и имплементирани може да предизвикаат ерозија на јавните приходи во секоја од земјите поединечно, но и во регионот како целина. Овој феномен е посебно изразен доколку истовремено странските директни инвестиции не придонесуваат за зголемување на економскиот раст и развој во земјите“, објаснуваат од Центарот за економски анализи.

Анализата покажува дека земјите во регионот на Западен Балкан кои имаат повисоки износи на доделена државна помош воедно имаат и повисоки приливи на странски директни инвестиции. Меѓутоа, земјите во регионот кои имаат повисок економски раст исто така имаат повеќе странски директни инвестиции од земјите со понизок економски раст.

„Податоците укажуваат на тоа дека спротивно на очекувањата, трите земји кои имаат повисока стапка на данок на добивка (Србија, Словенија и Хрватска) имаат поголем прилив на странски директни инвестиции, додека земјите со пониски стапки на данок на добивка (Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора) имаат пониски приливи на странски директни инвестиции“, пишува во студијата.

Се заклучува дека примарниот одлучувачки фактор за инвеститорите не е висината на државната помош, туку многу повеќе амбиентот за деловно работење.

Од ЦЕА посочуваат дека проблем е исто така и отсуството на ефективен национален надзор и регионална соработка во областа на контролата на државната помош, но и опасноста за земјите кои обидувајќи се да привлечат странски директни инвестиции, без заедничка регионална стратегија и цели, меѓусебно можат лесно да западнат во замката на „трка до дното“.

Дополнително, поради нетранспарентни процедури и неефективен надзор се отвора можност да се одобри и додели државна помош која е неефикасна, притоа да се трошат јавни средства за инвеститорите кои и без стимулативните мерки би инвестирале во земјата.

Инаку, емпириската анализа за земјите од регионот (Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина) за периодот (2008г-2018г) покажува дека државната помош позитивно влијае за привлекување на странските директни инвестиции на краток рок, но на долг рок странските компании го насочуваат својот капитал кон земји кои имаат високи стапки на раст.

„Од друга страна пак, ова индиректно може да значи дека одржливите СДИ се во потрага по стабилни и развиени пазари каде правото владее и каде има доверба во институциите и кои освен тесни мерки и државна помош бараат и адекватни пазарни услови за деловно работење“, се вели во студијата.

Се препорачува земјите од регионот да вложат засилени напори за унапредување на нивото на транспарентност при доделувањето на државната помош, да ја зајакнат ефективноста на парламентарниот надзор, но и да се зголеми улогата на граѓанското општество во контролата на државната помош.

„Стратегијата за привлекување на странските компании во регионот треба да биде координирана (да се зголеми регионалната соработка) и да претставува комбинација од краткорочни мерки на доделување на државна помош на одговорен и транспарентен начин и долгорочни мерки на зајакнување на институционалните системи и економијата“, се потенцира во студијата.

Дополнително, се препорачува достапност не само на доделените износи на државна помош туку и анализи за трошоците и придобивките од доделената државна помош и напуштање на тесните мерки, а особено на ниските стапки на данок на добивка како аргумент за привлекување на странски директни инвестиции во земјите од регионот.

Се укажува и дека е потребно да се препознае важноста на владеењето на правото, довербата во институциите, контролата на корупцијата за привлекувањето странски директни инвестиции бидејќи тие се примарните мотиви на странските инвеститори во изборот на локацијата за нивните инвестиции.