Централната лабораторија на Министерството за животна средина, која постои уште од основањето на ова министерство во 1995 година, е замислена како важна алка во синџирот на заштита на животната средина која ќе утврдува постоење на загадувањето и на изворите на штетните емисии во воздухот, водата и почвата. Таа би требало да им помага на инспекциите во утврдувањето кој, колку и каде загадува. За жал, повеќе од две децении оваа државна лабораторија не е акредитирана. Загадувачите денес се контролирани само преку приватни лаборатории, а државата е без независен инструмент со кој ќе спречи евентуални злоупотреби во процесот на мониторирање на загадувањето.

Некогашната лабораторија на скопска Железарница со основањето веќе ги исполнувала основните услови за работа, а со пари од европски фондови во 2006 година бил направен план како во најкус рок таа да се акредитира за повеќе методи за следење на разни облици на загадување. Акредитирањето би значело дека резултатите кои излегуваат од оваа лабораторија се релевантни и како информација за тоа за колкаво и какво загадување станува збор, но и тоа кој е изворот на тоа загадување.

Тринаесет години подоцна, Централната лабораторија сè уште не е акредитирана за своите методи на работа, а испитувањата што ги прави, без оглед на тоа колку се прецизни, не можат да се сметаат за цврст доказ посебно во судските постапки против загадувачите, токму поради овој пропуст. Затоа, и покрај повремените набавки на современа опрема за лабораторијата кои се вршат, донациите кои се добиваат, како и обуките на стручниот кадар со кој лабораторијата располага, таа останува недоволно искористен потенцијал.

„Правиме сè државните мерни станици да работат прецизно“

Работата на лабораторијата е тесно поврзана со работењето на државната мрежа на мерни станици со кои се мери аерозагадувањето на 18 локации во Македонија. Токму работата на овие мерни станици, поточно повеќемесечното неработење на дел од инструментите во позагадените градови во државава беа причина јавноста со недоверба да гледа на државната мрежа на мерачи на аерозагадувањето. Откако „Мета.мк“ во неколку наврати веќе пишуваше за проблемот со акредитирањето на лабораторијата на МЖСПП, од Министерството пристигаа информации дека работите се помрднуваат од мртва точка, но тие ни оддалеку не се завршени. Летово побаравме да влеземе во лабораторијата за да направиме репортажа, на што ни беше одговорено дека е време на годишни одмори. На нашата екипа деновиве конечно и беше овозможен влез.

Сместена во еден изолиран дел од некогашна Железарница, зградата на лабораторијата на МЖСПП тешко се пронаоѓа и очигледно помни поубави времиња. Сепак, и покрај прилично руинираните простории, солидно опремените одделенија на лабораторијата, како и пресретливоста и комуникативноста на вработените со кои разговаравме, беа своевидно изненадување.

Прво влеговме во Калибрационата лабораторија во која се сервисираат и калибрираат мерните инструменти од државните мерни станици.

– Калибрациите ги правиме на три нивоа, а нашите калибрациони инструменти се носат на редовно калибрирање во соодветни научни лаборатории во странство – објаснуваат вработените во овој оддел.

Седиме опкружени со боци со чисти гасови и со зеро-воздух.

– Правиме сè за да биде прецизно и мерењето и мерните инструменти Калибрирањето на мерните станици се прави двапати годишно и кога тие ќе поминат низ целиот процес во оваа лабораторија, може со сигурност да се каже дека работат прецизно – вели Љупчо Гроздановски, кој работи токму на оваа проблематика.

Прашавме за мерните инструменти за ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките на Битола 2, Куманово, Тетово и мобилната во Ѓорче Петров, кои не беа во функција и ни беше објаснето дека тие биле испратени во Австрија во тамошната Агенција за животна средина.

– Mерните инструменти за Гази Баба се во функција од минатиот месец, додека оној за Лисиче очекуваме да проработи кон крајот на ноември – дополнува Беса Татеши од МЖСПП.

– За овие инструменти ние немаме апаратура за калибрирање во нашата лабораторија, еден таков апарат чини околу 50 илјади евра и поисплатливо е да се испратат во странство. Внимаваме да не го оставиме Скопје без инструменти за мерење, калибрациите ги правиме во лето, но дел од ваквите инструменти се секогаш активни додека другите се носат на поправка или калибрација. Тие што беа испратени во странство веќе се вратени и поставени во мерните станици. Се трудиме тоа што ќе излезе на нашата веб-страница да биде точно – вели Гроздановски

Стручни и опремени ама неакредитирани

Луѓето од лабораторијата на МЖСПП се полни со критики за поставените сензори за загаден воздух, чиишто мерења ги објавува апликацијата „Мој воздух“.

– Сензорите се многу нестабилни, трпат многу влијание од атмосферските услови – велат во лабораторијата.

Нивно стручно мислење е дека се работи за ефтини апарати со недоволно развиена технологија која има големи маргини на грешка и не можат да бидат релевантен извор на податоци за вредностите на загадениот воздух.

– Една мерна станица од државните чини околу 150 илјади евра, додека тие сензори што ги поставуваат се по 100-200 евра, па сега вие сами кажете што е порелевантно – велат од лабораторијата.

Микрограмска вага со точност 10 на минус 6-та, која ја поседува лабораторијата се користи во прецизните мерења на концентрацијата на ПМ честичките, а во Македонија има уште само две или три вакви ваги, со нескриена гордост ни раскажуваат.

Во собата каде што е сместена се посебни услови на температура, влага, маса со амортизери за да ги апсорбира вибрациите на подлогата.

– Моментално имаме кампања во Карпош со Светската агенција за атомска енергија каде вршиме мерење на ПМ честичките, филтрите од сензорот во Карпош го носиме тука на мерење и потоа ги испраќаме во Хрватска каде тие дополнително ќе се испитуваат за концентрации на тешки метали. Можеме да откриеме во радиус од 4-5 километри какви и колку тешки метали имаме во воздухот – појаснува Гроздановски.

Загадувачите заштитени, државата без инструмент

Впечаток е дека во лабораторијата има и стручни луѓе и опрема, но дека таа нема голем обем на работа. Некои од инструментите, посебно оние за мерење на емисиите од испустите на индустриските објекти, како и спектрометриските инструменти од одделението за испитување на присуството на тешки метали на примероци на води навистина се со понов датум, но во некои простории времето како да застанало децении наназад. Со ова ниво на пременост, доколку беше акредитирана, државната лабораторија не само што ќе ги штитеше интересите на граѓаните туку ќе работеше комерцијално, наплатувајќи им на клиентите за сопствените анализи, и ќе носеше приходи.

– Работите конечно мрднаа од мртва точка. До крајот на годината очекуваме да биде реновиран просторот, за од следната година да се избере консултантска куќа која ќе не води низ процесот за акредитација – вели Билјана Петковска, раководителка на Секторот за  животната средина, во чии рамки е и лабораторијата.

Додека не се акредитира државната лабораторија и индустриските капацитети со А и Б интегрирани дозволи, кои имаат обврска самите да прават проверка на своите емисии на штетни гасови, како и инспекцијата што треба да мониторира колку се запазуваат еколошките стандарди, мострите, наместо во оваа, ќе ги носат во приватните лаборатории, кои работат комерцијално и кои, честопати самите себеси се контролираат, што ја разводнува и одговорноста на загадувачите и на оние кои ги следат.