Апликацијата за пораки „Снeпчет“ минатата недела воведе неколку алатки за гласање, меѓу кои и опцијата корисниците да можат да се регистрираат преку самата апликација за да гласаат на изборите во САД. Над 400.000 корисници се пријавиле за гласање преку „Снепчет“ до понеделникот. Апликацијата и претходно имаше вклучено алатки за регистрација на гласачи и повеќе од половина од корисниците кои се имале регистрирано, всушност и гласале на изборите во 2018 година.
Сепак, функциите за гласање се релативно нови и се очекува бројот на луѓе кои ќе се пријават на овој начин да се зголеми во наредниот период. Целта е да се поттикнат младите да излезат на гласање, затоа што корисничката база на „Снепчет“ главно ги опфаќа луѓето под 30 годишна возраст.
„Снепчет“ допрва ќе работи на промоција на оваа функција, а меѓу првите кои ќе ја промовираат ќе биде поранешниот американски претседател Барак Обама. И други познати личноти како Арнолд Шварценегер, Снуп Дог и Квинси Браун ќе се појават на „Снепчет“ за да ги охрабрат младите да се регистрираат да гласаат на изборите кои треба да се одржат во ноември.
Слична функција за првпат беше воведена пред изборите во 2018 година кога се гласаше за претставници во Претставничкиот дом и за во Сенатот. Од „Снепчет“ тогаш рекоа дека се одлучиле на овој чекор со намера да го поправат историски најниското ниво на политичко учество помеѓу младите гласачи. Помалку од една петина од младите на возраст од 18 до 25 години излегле на гласање во 2014 година.
И други социјални мрежи започнаа со регистрирање на гласачи и со прикажување на информации за изборите. Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, во јуни рече дека компанијата очекува да регистрира 4 милиони гласачи пред денот на изборите.