fbpx

Со милионите за катните гаражи од „Скопје 2014“ во целост ќе се решеше паркирањето (инфографик)

-

Погрешните политики за решавање на проблемот со паркирањето во минатото го направија уште поакутен недостигот на паркинг места во Скопје денес. Споредбените податоци што ги анализираше „Мета.мк“ покажуваат дека парите вложени во катните гаражи од „Скопје 2014“ ќе беа доволни за решавање на проблемот со недостигот на околу 8.000 паркинг места во главниот град, а ќе останеа и доволно средства за забрзан развој на јавниот превоз и за воспоставување на јавен велосипедски систем во Скопје.

Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, на „Призма“ изградбата на шест катни гаражи од проектот „Скопје 2014“ чинела вкупно 56,9 милиони евра, средства што се инвестирани од Градот Скопје, Општина Центар и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор во периодот на владеењето на поранешната власт. Со овие средства, во главниот град се обезбедени 2.517 нови паркинг места, како и дополнителен деловен и комерцијален простор за изнајмување од страна на инвеститорите.

Ваквите бројки ги споредивме со цената на изградбата на последниот отворен монтажен паркинг во земјава, којшто лани беше подигнат во центарот на Куманово. За пуштањето во употреба на овој инфраструктурен објект биле потрошени 272.000 евра, при што со него биле обезбедени 80 паркинг места.

Ако се спореди цената на овој паркинг во Куманово со потрошените средства за катни гаражи во „Скопје 2014“, излегува дека во главниот град ќе можеле да се изградат дури 209 монтажни гаражи за паркирање, и тоа на локации каде што е неопходен дополнителен број на места за паркирање за граѓаните.

Наместо 2.517 паркинг места обезбедени со „Скопје 2014“, монтажните гаражни објекти за идентичната цена ќе обезбедеа 16.720 нови паркинг места во Скопје, што ќе овозможеше целосно решавање на актуелниот проблем со недостигот на паркинг места, но и ќе обезбедеше доволно инвестиции за решавање на овој проблем за многу години нанапред.

Сепак треба да се спомене дека монтажните гаражи се вбројуваат во групата на привремени паркиралишта, кои самите општини ќе можеа да ги демонтираат доколку во иднина се надмине недостигот на паркинг места на одредена локација. Демонтираните елементи од ваквите објекти можат повторно да се монтираат на некое друго место, каде што би се појавил проблемот со паркирање. Ова не е случај со катните гаражи од „Скопје 2014“, кои би морале да се срушат доколку не се потребни повеќе, а градежниот шут би можел да заврши единствено во депонија.

Монтажните гаражи се неколкукратно поевтини, можат да се демонтираат доколку не се потребни и обезбедуваат поголем број на места за паркирање; Фото: Бојан Блажевски.

Бројките за изградените инфраструктурни објекти покажуваат дека изградбата на едно паркинг место во катна гаража од „Скопје 2014“ ги чинело буџетите на институциите во просек од 11.443 до фантастични 28.659 евра. Колку за споредба, во новоотворената монтажна гаража во Куманово изведбата на едно паркинг место чинело 3.400 евра.

Промашените решенија за проблемот со паркирање во главниот град можат да се увидат и ако се спореди капацитетот на некои од изградените инфраструктурни објекти во изминативе години. Па така, монтажната гаража во населбата Капиштец може да прими 193 автомобили, што е за над 20 возила повеќе во споредба со капацитетот за паркирање на катната гаража „Смилевски конгрес“ кај Музејот на холокаустот.

Градот Скопје во моментов има хронична мака со решавањето на недостигот на места за паркирање. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на автомобили континуирано расте, за на крајот на 2018 година да ја достигне рекордната бројка од речиси 150.000 регистрирани автомобили во Скопје. Притоа, изградбата на нови паркиралишта не го следи наголемувачкиот тренд на регистрирани нови возила на скопските улици.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...