Со мијалник во рацете, Илон Маск влезе во седиштето на Твитер

Elon Musk
Илон Маск / Фото: Daniel Oberhaus, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Американскиот милијардер Илон Маск објави видео на кое се гледа како влегува во седиштето на Твитер носејќи мијалник во рацете, со што ги зголеми шпекулациите за судбината на плановите за преземање на компанијата, пренесува Би-Би-Си.

Крајниот рок за извршување на договорот за преземање на Твитер, вреден 44 милијарди американски долари, истекува утре. Маск пред неколку месеци најави дека ќе ја преземе компанијата, но потоа се обиде да се извлече од договорот, под изговор дека бројот на лажни профили на платформата бил повисок од оној што го пријавила компанијата.

Претходно овој месец, милијардерот се согласи да продолжи со преземањето на Твитер, само неколку недели пред да започне судскиот процес за овој случај.

Маск изјави дека на платформата ѝ се потребни значителни промени, а најмалку еден извештај сугерира дека тој планира кратење на работните места во Твитер. Позната е и неговата изјава дека Твитер треба да стане „апликација Х за сѐ“.

Дел од медиумите пишуваат дека посетата на Маск на седиштето на Твитер во Сан Франциско и симболиката со мијалникот сугерираат дека тој навистина ќе стане сопственик на Твитер во наредните денови.

Покрај најавените откази, вработените во Твитер ги загрижува и најавата дека е можно да им се дозволи на Доналд Трамп и на други исфрлени лица да се вратат на платформата.