Со лични донации и голем ентузијазам, студентите го отворија Етно клубот на ПМФ [фото]

Фото: Мета.мк

Студентите од катедрата на Институтот за етнологија и антропологија денеска, опкружени во природа, со вкусни домашни специјалитети и со песна го отворија Етно клубот во Природно-математичкиот факултет (ПМФ).

Клубот се наоѓа во паркот пред долната зграда на ПМФ, во близина на Ботаничката градина, помеѓу зеленило и верверички, а замислен е како место за дружба, работилници и предавања за сите студенти кои сакаат да се дружат и да споделуваат искуства со етнолозите.

„До сега бевме среќни во подрумските простории, се радувавме кога имавме предавања на Филолошкиот факултет затоа што таму има убаво бифе. Во 2022 година нашите студенти сè уште немаат простор за неформална дружба и сè уште не ги познаваат колегите од другите институти. Делумно тоа може да се каже и за нас вработените на ПМФ“, рече професорката Илина Јакимовска, која денес заедно со студентите и другите присутни не можеше да го скрие задоволството дека после долги години студентите на Институтот за етнологија и антропологија, но и другите студенти на ПМФ ќе имаат креативно катче.

Тие самите со свои средства и со помош од студенти и колеги од другите факултети, но и од соседна Србија, па дури и Украина, успеале да изработат уникатни ракотворби кои ги даваат како награда за оние кои ќе им дадат симболична парична донација. Па така, поранешна студентка и соработничка преку Црвениот крст на град Скопје, Александра Ристовски донираше свои ракотворби – ланчиња направени од ленти од рециклирани памучни маици.

Студентите од Ботаничката градина помогнаа за чистење и уредување на просторот. Едита Старова Тахир дизајнирала весел годишен планер насловен „Секој ден е празник“ кој ги содржи сите државни, религиски и народни празнувања во Македонија.

Фотографот Сашо Алушевски донираше уникатни флорални разгледници и граничници за книги направени во посебна рана фотографска техника, цијанотипија, која со помош на посебна емулзија (амониум железо цитрат и калиум феро цијанид, хемикалија позната на студентите по хемија) и сончева светлина создава фото-отпечаток во специфична сина боја и создава импресивен впечаток.

Академската сликарка и дизајнерката Елизавета Матјушенко од Украина, која во моментов заради руската воена инвазија со дел од своето семејство престојува во Скопје, создаде беџови со пролетни мотиви.

Но, вистинско изненадување на сите им приреди десетгодишната Илина Гајтаноска која гледајки видеа на Јутјуб научила да плете, па за денешното отворање на Етно клубот изработила плетени амајлии во форма зајчиња, морковчиња и други весели фигури, за кои во разговор со Мета.мк рече дека ќе им носат среќа на студентите за бргу да си ги положат испитите за кои напорно учеле.

Веселата атмосфера ја надополни студентскиот бенд „The Rolling Ethnos“, на кои им се придружи и младата македонска глумица Билјана Јовановска која во светот е позната по нејзината улога во серијалот „Wild Abandon“ или „Диво бегство“ која се емитуваше на Нетфликс, а и Вера Милошевска позната по етно-бендот „Љубојна“.

Во Етно клубот, кој ќе функционира еднаш неделно или и почесто според потребите на студентите, покрај тоа што ќе се организираат едукативни настани, студентите ќе можат да играат и друштвени игри, како бадминтон, пикадо или фризби барем до крајот на летниот семестар.