Илустрација: Вистиномер

Станува збор за купишта дезинформации, кои се лесно проверливи, а кои имаат за цел да креираат слика дека Европската Унија промовира декаденција и небезбедни политики за децата, базирани врз очигледни невистини, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Зоофилија, марш на гордоста. Сексот со животни е дозволен во Германија и се промовират како вредност. Уште еден доказ дека ЕУ е трулеж. ЕУ е ЗЛО. ЕУ е комплетна морална деструкција, од ЛГБТ-педофилија, промоција на АБОРТУС, сексуализација на малолетни деца, до секс со животни и мртовци (некрофилија). Сите кои форсираат ЕУ агенда, се поддржувачи на ЛГБТ – педофилија, сексуализација на малолетни деца до секс со животни и мртовци (некрофилија). Тие кои мислат дека не е така, тие не мислат доволно. Накратко, ЕУ не е шведска маса па да бирате што ке поддржите од ЕУ пореметеноста а што не. ЕУ е комплетен пакет. Или си ЕУ или не си.

Во состав на овој пост, споделено е и видео од протест на кој минорно мал број учесници се залагаат за декриминализација на секс меѓу луѓе и животни. Протестот се одржал на 24 август 2022 година и тој е искористен во овој пост за ширење дезинформации околу зоофилијата во Европската унија.

Ништо од она што се кажува во постот што го рецензираме, а особено дека зоофилијата во Германија е дозволена, не е вистина. Сексот со животни не е дозволен во Германија и не се промовира како вредност од страна на ЕУ.

Во февруари 2013 година, германските власти го забранија сексот со животни. Германскиот парламент во 2013 преку своите пратеници одлучи да го криминализира сексот со животни, односно користењето на животните за лични сексуални активности.

Според Законот за заштита на животни во Германија, секој сексуален акт со животно е забранет а прекршување може да резултира со казна до 25 илјади евра.

Европската унија, наспроти она што е изнесено во постот што го рецензираме, не е промотор на зоофилијата. Европската Унија има директива која што бара од земјите да ја забранат оваа практика.

Проверувачи на факти од Ерменија уште во 2018 година пишуваат дека руски тролови се обидуваат да ја пласираат дезинформацијата дека во Германија, Данска и Шведска сексот со животни е легализиран. Исто како и во постот што го рецензираме, сексот со животни се доведува во корелација на човековите права на ЛГБТ заедницата. Така, во написите што ги рецензираат ерменските проверувачи на факти се тврди дека во „Германија се воделе научни истражувања за да се докаже дека сексот со луѓе им предизвикува големо задоволство на животните“, иако тоа не е поткрепено со никакви докази, а зоофилијата во Германија е казнива. Се споделува и лагата дека во Данска судот ослободил зоофил, што значело дека зоофилијата е легална во оваа држава. Во Данска зоофилијата е криминализирана во 2015 година и се казнува со затворска или со парична казна.

Европскиот парламент се залага Европската унија да го направи абортусот основно човеково право, но тоа не значи дека во ЕУ се промовира таквиот избор. Тоа што некому ќе му биде овозможено да изврши абортус не значи дека станува збор за поттикнување, туку за овозможување на правото на избор. Шведската претставничка во Парламентот, Хелен Фрицон, изјави дека абортусот не е прашање на политика, мислење или религија, туку треба да остане слободен избор.

Во Малта, која е членка на ЕУ, абортусот е забранет. Полска, која, исто така, е дел од ЕУ, има рестрикции кои прават да е возможно единствено да се добие легален аборус во случаи на силување, инцест или кога животот на бремената жена е во опасност, пишува Дојче Веле.

Наративот што се провлекува во рецензираниот пост, дека ЕУ промовира секс со мртви лица, односно некрофилија, исто така, е невистинит. Нема политики на ЕУ кои го промовираат ова однесување, ниту, пак, ЕУ промовира морална деструкција и сексуализација на малолетни деца. Всушност, Европската унија има голем број на резолуции и документи за заштита на децата. Земјите членки на ЕУ се обврзани да ги штитат децата од сите форми на насилство. Тие затоа мораат да имаат соодветна легислатива, административни и едукациски мерки за ефективно да ги штитат децата. Европската комисија се бори против сексуалната злоупотреба на децата.

Има и јасни заложби да се заштитат жените од силувања, родово базирано насилство и други злоупотреби.

Советот на Европа има објавено Конвенција за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба.

Не е точно и наведеното во постот што го рецензираме дека „сите кои форсираат ЕУ агенда, се поддржувачи на ЛГБТ – педофилија, сексуализација на малолетни деца до секс со животни и мртовци (некрофилија)“.

Всушност, самото тоа што се доведува во корелација ЛГБТ движењето со кривично дело педофилија е проблематично, бидејќи се прави за да се стават во ист кош сексуалната ориентација и кривично дело, кое е санкционирано во сите држави од ЕУ (педофилија). И во странство се дебанкирани низа лаги за тоа дека ЕУ планира да ја озакони педофилијата.

Нема планови да се легализира педофилијата во Европа, напротив, Советот на Европа и Европскиот парламент усвоија Директива за борба против сексуалната злоупотреба и експлоатација на децата уште во 2011 година.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Станува збор за купишта дезинформации, кои се лесно проверливи, а кои имаат за цел да креираат слика дека Европската унија промовира декаденција и небезбедни политики за децата, базирани врз очигледни невистини.