fbpx

Со лажно рекламирање, чај се претставува како „сертифициран лек против паразити”

-

Чајот го нема во регистарот за лекови и медицински средства на МАЛМЕД, односно не е регистриран. Дополнително, според дефиницијата за тоа што е лек, чаевите не влегуваат во оваа категорија дури и кога би имале такви супериорни карактеристики, како што се тврди дека има горенаведениот чај. Законот за лекови и медицински средства го уредува делот за тоа што значи фармаколошки активна супстанција. Во наведената лажна реклама, пак, нема наведено која е активната супстанција во чајот. Ниту во регистарот за додатоци во исхрана, го нема Паразол, а во рекламата злоупотребени се фотографии од доктори, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека со помош на чај, пациентите ќе може да излекуваат голем број дијагнози и здравствени тегоби:

Дали имате акни, мозолчиња, рана ќелавост или себореја? Дали вашите нокти се кршат и се лупат? Дали страдате од честа ангина, полипи, тонзилитис, синузитис, замор и чести заболувања на урогениталниот систем? Дали имате паразити во телото или се сомневате во тоа? Чајот Parazol е сигурен лек против паразити! Целосно ќе ги отстрани паразитите и цревните црви од вашето тело во рок од 30 дена.

Потоа се вели дека чајот „отстранува паразити при првиот третман благодарение на состојките како ароматичен лук, сув екстракт од пелин, пелинова трева, сув екстракт од вратика, цвет од вратика“. Понатаму, се тврди дека чајот го забрзува распаѓањето на паразитите во цревата и ги уништува изведените јајца од паразити со помош на своите активни состојки.

Една од фотографиите во постот, особено помага да се констатира дека информациите споделени во состав на таа фотографија не се вистинити. Станува збор за фотографија на која се наоѓа лекар во бел мантил, а веднаш до него е испишано дека наводно станува збор за доктор Кире Трајчев, кој наводно е „лекар по заразни болести“.

 

Зад превезот на неговото таканаречено „експертско мислење” стои намерата на лажното рекламирање, да се продаде производ врз основа на кредибилитетот на медицинските професионалци. Но, има еден голем проблем, а тоа е што доктор Кире Трајчев не постои во базата на специјалисти во листата објавена во регистарот на Фондот за здравствено осигурување. Дополнително, кога ќе се пребара фотографијата, многу лесно се доаѓа до заклучокот дека станува збор за фотографија која се наоѓа во онлајн база на фотографии кои може да се преземат слободно односно без плаќање. Истата може да ја погледнете на следниот линк.

Во рекламата се споделуваат многу дијагнози за кои се ветува лекување со помош на чај.

Меѓутоа, чајот го нема во регистарот за лекови и медицински средства на МАЛМЕД, односно не е регистриран. Дополнително, според дефиницијата за тоа што е лек, чаевите не влегуваат во оваа категорија дури и кога би имале такви супериорни карактеристики, како што се тврди дека има горенаведениот чај. Законот за лекови и медицински средства го уредува делот за тоа што значи фармаколошки активна супстанција. Во наведената лажна реклама, пак, нема наведено која е активната супстанција во чајот. Ниту во регистарот за додатоци во исхрана, го нема Паразол.

Чистењето паразити е техника која широко се споделува на социјалните мрежи, пишува Политифакт. Исто како и во рекламата со лажна содржина што ја рецензираме, неосновано се тврди дека ако ги исчистите паразитите од телото ќе излекувате многу дијагнози, и вистинити и фиктивни.

Паразитите се организми од различни големини кои можат да предизвикаат болест. Тие можат да се пренесат преку фекално-орална трансмисија, типично од храна и вода контаминирани со фекална материја, од изложеност на паразитни јајца, или ларви, како резултат на лоша хигиена, или со конзумирање контаминирана храна и вода.

Шира Шафир, професорка по епидемиологија на Универзитетот Лос Анџелес Калифорнија, вели дека прочистувањата не вклучуваат никакви состојки способни да ги убијат паразитите.

Тие се сметаат за хербални суплементи, не за медицински средства, така што Американската агенција за храна и лекови не ги регулира строго. Диететските суплементи е тешко да се тестираат за безбедност и ефективност, вели таа.

Дијагностицирањето и третманот на паразитска инфекција, бара посета на медицински професионалец и земање антипаразитски лекови. Лековите се многу ефективни и се препишуваат во специјални дози според тежината на човекот и според видот на инфекција.

Понатаму, во рекламата се вели дека благодарение на чајот, ќе бидете здрави. Ова тврдење не би смеело да се пласира, бидејќи преку споделување на невистинити информации се манипулира и јавноста се носи во заблуда. Истата реклама од постот што го рецензираме, на Фејсбук се продава и на други јазици, на регионалната страница.

Компанијата оди далеку во својот маркетинг на начин што препорачува чајот да го пие баш секој, без воопшто да биде дијагностициран со паразитска инфекција. Дури и кога чајот би бил исклучително ефикасен, што не може да се докаже, во случаите кога пациентите немаат паразитска инфекција, тој за нив може да претставува одбегнување да посетат лекар, а со тоа и да се избегне патот до нивната вистинска дијагноза.

Митот дека најголемиот дел луѓе имаат паразити е затоа им треба чајот е невистинит.

Деновиве професорот на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски, се пожали дека неговото име е злоупотребено во лажна реклама за овој суплемент. Тој ни испрати принтскрин од лажната реклама на која ја забележал својата фотографија, а станува збор за истиот чај од постот што го рецензираме. Името и довербата која граѓаните ја имаат во доктор Пановски, кој многупати беше на располагање за огромен број граѓани во ковид пандемијата, се злоупотребени за промоција на овој чај.

Уште една од стандардните тактики во лажното рекламирање на интернет, е да се користат невистинити наводни позитивни искуства на конзументите.

Паразол, за разлика од лажното тврдење на овој линк во рекламата, не е сертифициран лек, туку суплемент од непознато потекло со непознат состав, нерегистриран во базата на Агенцијата за храна и ветеринарство. Чајот постојано се рекламира преку линкови до кои не може да се пристапи, а кои се спонзорирани, на тој начин мамејќи поголем број пациенти кои можеби и нема да забележат дека нема ниту адреса на фирмата зад која стои производот. Не може да се оцени ниту дали составот на чајот е веродостоен.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Станува збор за опасно и лукративно лажно рекламирање, кое што се има појавувано и порано и за тие случаи веќе имаме пишувано овде. Лекарот на фотографијата е со лажен идентитет, со цел да се измамат корисниците на социјалните мрежи дека станува збор за лек кој е препишуван од медицински професионалци во кои имаат доверба, што не е вистина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...