fbpx

Со измислена изјава се стигматизира невладината ХЕРА

-

Не е вистина дека ХЕРА се залага за нормализирање на порнографијата, во постот се пласира измислена изјава која ХЕРА никогаш не ја дале. Сите ставови на ХЕРА се однесуваат на сексуална работа помеѓу возрасни лица, а не за деца. Сексуално преносливите болести и абортусот не корелираат ексклузивно само со сексуалната работа, туку можат да се случат кај која било жена независно од нејзината професија. Исто така, предмет сексологија не постои во Македонија. Не е точно ниту тоа дека ХЕРА, застапувајќи се за феминизмот, ги објектифицира и сексуализира малите девојчиња и ги учи дека е во ред да станат парче месо што се продава на пазарот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека ХЕРА изјавиле оти „проституцијата е супер“.

„Оние што ги следеле објавите на Хера барем кратко време, веќе имаат научено за што се залага оваа ЛГБТИ+ организација – нормализирање на сите можни настраности и перверзии, од порнографија до полигамија и „менување” на полот. Истата оваа Хера е таа која го крои образование на нашите деца и сака да ги учи на сексологија. Ги прашуваме оние што не веруваат и што нѐ убедуваат дека ССО е одлична идеја, кога ќе дојде моментот да се спомне проституцијата на тие ССО часови, што мислат, што ќе им се каже на децата? Сѐ уште ли има такви кои не сфаќаат и не им е јасно дека труло дрво не може да даде здрави плодови?“,
пишува во постот.
Потоа во објавата се вели:
„Да видиме каков би бил одговорот на Хера во врска со проституцијата, а согласно пишаното на нивната Фејсбук објава:
 ,,Проституцијата е супер работа, како и секоја друга работа. Доколку доброволно сакате да си го продавате телото, тогаш тоа воопшто не е лошо. Доволно е само да знаете како да се заштитите од сексуално преносливи болести и да знаете дека ако случајно забремените, може да направите абортус. Тоа е ваше право. А сите што ќе речат поинаку вклучувајќи ги и вашите родители, се дискриминатори и осудувачи, кои поттикнуваат насилство и експлоатација.”“
Во објавата се наведува дека „ХЕРА застапувајќи се за феминизмот ги објектифицира и сексуализира малите девојчиња и ги учи дека е во ред да станат парче месо што се продава на пазарот, за врз нив анималистички сексуално да се изживуваат и дека „тврдат дека сето тоа е во ред доколку девојчињата дадат согласност и тоа го прават доброволно”. 
Вистиномер се обрати до ХЕРА во врска со посочената објава од каде добивме одговор за секој поединечен дел од статусот што го рецензираме. Прво, за делот дека ХЕРА наводно ги објектифицира и сексуализира малите девојчиња учејќи ги дека е во ред станат парче месо кое се продава на пазарот за врз нив анималистички да се изживуваат мажи, од ХЕРА велат дека ова е пример за извитоперување на информациите за да се предизвика чувство на гадење, паника страв и омраза како кон ХЕРА, така и кон сеопфатното сексуално образование, сексуалните работници и работнички.
„ХЕРА се застапува за општество во кое секој поединец ќе има еднакви права и можности во општеството. Сите избори што ги правиме вклучително и изборот на работата се условени од динамиката на моќ во општеството, а таа е условена од капитализмот, патријархатот, родовата нееднаквост и институционалните форми на дискриминација врз основа на возраст, род, раса, етничка припадност, економски статус, здравствен статус, степен на едукација. Историски сексуалната работа која во земјава има долга историjа се третира различно од другите сфери на живеењето во кои возрасните носат одлуки, бидејќи е стигматизирана како неморална што се должи токму на патријархалните норми и културата на чистота и погрешно врамена како насилна без исклучок. Оттука автомномијата на возрасни луѓе да се согласат на сексуална работа мора да се почитува на ист начин како и нивната способност да прават каква било друга работа или да донесуваат одлуки за разни прашања во животот. Нагласуваме дека доброволната сексуална работа не е исто со трговијата на луѓе“, велат од ХЕРА.
Оттаму додаваат дека кога се зборува за доброволна сексуална работа, не се мисли на деца, туку на возрасни луѓе. 
Потоа, не е вистина дека ХЕРА се залага за нормализирање на порнографијата. На веб-страницата митови и факти за сексуалното образование, пишува дека е мит дека порнографијата треба да покажува како треба да изгледа сексуалниот однос.
„Повторно имаме целосно извртување на фактите и пласирање на клевети и невистини. Не е точно дека ХЕРА се залага за нормализирање на порнографијата. Напротив, во рамките на сеопфатното сексуално образование, за порнографијта се учи дека е бизнис кој постои да прави профит. Прикажува различни верзии од нечија фантазија со измислени ликови. А ова нема врска со искуствата на луѓето во вистинскиот живот. Во реалноста сексуалниот однос подразбира интимност, заемна почит и јасна согласност нешто што не постои во порнографијата“, велат од ХЕРА.
Во врска со делот дека ХЕРА сака да ги учи децата на сексологија, оттаму велат дека сексологија не постои во нашата држава како предмет во кое било ниво на образовниот систем и затоа дискусијата е беспредметна. Според нив, спротивно на верувањето, ССО помага младите да го одложат стапувањето во сексуални односи токму поради подобрата информираност. ССО, исто така, ги ослободува младите од притисокот од средината и од нивните врсници да влегуваат прерано во сексуални односи.
Во постот што го рецензираме се измислува изјава којашто ХЕРА никогаш не ја дале а која гласи:
„Проституцијата е супер работа како и секоја друга. Ако доброволно сакате да си го продавате телото тогаш тоа не е лошо. Доволно е да знаете како да се заштитите од сексуално преносливи болести и да знаете дека ако случајно забремените може да направите абортус. Тоа е ваше право. А сите што ќе речат поинаку вклучувајќи ги вашите родители се дискриминатори и осудувачи кои поттикнуваат насилство и експлоатација.“
Од ХЕРА велат дека под сексуална работа се подразбира давање сексуални услуги од страна на и помеѓу возрасни лица со јасно дадена согласност за одреден финансиски надоместок според услови договорени и прифатени од вклучените возрасни лица.
„Сексуалните работници како човечки битија не ги продаваат своите тела туку продаваат услуги. Притоа под согласност мислиме на согласност која е информирана, слободно и јасно дадена, заемна, важи во дадениот момент и може да биде повлечена во секое време. Сексуалната активност помеѓу возрасни лица кои дале ваква согласност претставува практикување на основното човеково право на телесна автономија вклучително и кога сексуалниот однос се случува како дел од сексуалната работа. Кога сексуалната работа би била декриминализирана, сексуалните работнички и работници би биле заштитени од насилство и дискриминација, и би можеле да ги имаат истите работнички права како и сите други луѓе. Во случајов терминот проституција свесно се користи за да се имплицира дека се случува нешто неморално или против нечија волја и намерно се заборава дека сексуалната работници како и сите други луѓе имаат право самостојно да одлучуваат за своето тело како и за тоа дали, како и со кого ќе имаат сексуален однос. Ова е во сржта на човековите права и е комплементарно со правото на приватност, правото да се живее слободно без насилство, мачење и суров, нехуман и деградирачки однос, правото на здравје, работа, еднаквост и недискриминација“, велат од ХЕРА.
Оттаму додаваат дека кога се почитува изборот на еден човек да работи сексуална работа, се почитуваат неговите основни права и се придонесува кон нивната заштита и остварување.
„Односно, кога не ги почитуваме, придонесуваме кон неговата стигматизација и дискриминација што несомнено се одразува на квалитетот на неговиот живот. Сексуалните работници и работнички можат исто така да бидат родители, па секое осудување на сексуалната работа макар и на социјалните мрежи придонесува кон стигматизација, дискриминација и институционално насилство кон децата на сексуалните работници, на кои многу често под прашање им се доведува старателството над децата, а со тоа и добросостојбата на децата токму поради фактот дека се занимаваат со сексуална работа. Конечно, злоупотреба, насилство и присила во сексуалната работа се случува токму поради тоа што е криминализирана и стигматизирана, па сексуалните работници и работнички речиси и да немаат никаква заштита од државата ниту пристап до квалитетни здравствени услуги. Но, вакви штетни практики може да се случат во буквално секој сектор на работа, што значи дека не се својствени само за сексуалната работа“, велат од ХЕРА.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека ХЕРА се залага за нормализирање на порнографијата, во постот се измислува изјава која ХЕРА никогаш не ја дале, сите ставови на ХЕРА се однесуваат на сексуална работа помеѓу возрасни лица, а не за деца. Сексуално преносливите болести и абортусот не корелираат ексклузивно само со сексуалната работа, туку можат да се случат кај која било жена независно од нејзината професија. Исто така, предмет сексологија не постои во Македонија. Не е точно ниту тоа дека ХЕРА застапувајќи се за феминизмот ги објектифицира и сексуализира малите девојчиња и ги учи дека е во ред да станат парче месо што се продава на пазарот.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...