Со изложбата на ФРАНКО Б, вечерва во МСУ се отвора Викендот на гордоста Скопје 2021

Со ретроспективната изложба „Заслепени од љубов“ на ФРАНКО Б, вечерва во Музејот на современа уметност ќе се отвори деветтиот по ред Викенд на гордоста Скопје 2021. Овогодинешниот фестивал за квир култура, уметност и теорија ќе се одржува во периодот од 2-9 јуни во Музејот на современа уметност, КСП ЈАДРО и кафе барот Шортбас.

„Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е НАСТРАНО ЗАЕДНИЧКО: Политики на пријателство, љубов и афекти.Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s)“, се наведува во соопштението од организаторот.

Отворањето на фестивалот ќе се случи со еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот. ФРАНКО Б својата уметничка работа не ја одделува од животот, а неговите дела балансираат меѓу изолацијата и заведувањето, наклоноста и конфронтацијата, страдањето и еротицизмот, панкот и поезијата. Настојува неподносливото да го направи подносливо, го провоцира гледачот да размисли за сопственото поимање на убавината и страдањето. Сопственото тело го користи како метафора за општествената борба, при што отелотворува претстави за личното, политичкото и поетското. Вкрстувајќи ја љубовта и болката, Франко Б покажува дека човечноста, како состојба, може да се подобри, велат организаторите.

Публиката ќе може да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте (САД), легендарна латино уметница, чиишто дела опфаќаат перформанси, видео инсталација, кинематографија, скулптура и пишување, а во Скопје ќе настапи заедно со Маркус Куиланд Назарио (САД). Во рамки на целокупната програма ќе се претстават и: танц триото STEAM ROOM, коишто минатата година безрезервно ги освоија срцата на скопската публика, потоа перформанс колективот СПИЗ! Од Велика Британија, во соработка со македонската дрег кралица Токио де Вил, македонските уметници Зорица Зафировска и Дарко Алексовски со заедничка изложба во КСП ЈАДРО, и џез триото Светлост. Како и изминатите, и оваа година ќе се одржат две предавања, едно перформативно предавање на проф. Јелисавета Благојевиќ од Белград, и онлајн предавање на ФРАНКО Б.

Оваа година каталогот за фестивал е проследен со уреден зборник текстови, од некои од најзначајните современи теоретичари кои ги адресираат прашањата во фокус на фестивалот, како Мишел Фуко, Лорен Берлан, Хозе Естебан Муњоз, Мајкл Харт и Антоио Негри и други. Примерок од книгата ќе може да се подигне на отворањето на Фестивалот.

Сите заинтересирани посетители може во прилог да го разгледаат и каталогот со деталната програма за фестивалот.

Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство МСУ и ЈАДРО, со несебичната поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Амбасадата на Кралството Холандија, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, Министерството за култура на РСМ, и Град Скопје.