Со изложба на фотографии од Ник Кејв се отвора Скопје Синема Сити

фото: Скопје Синема Сити

Со изложба на српскиот рок фотограф Немања Ѓорѓевиќ ќе се отвори осмото издание на фестивалот за музички документарни филмови Скопје Синема Сити.

Изложбата ќе се одржи на 29 јуни, среда, со почеток во 20 часот во галеријата на Културно информативниот центар (КИЦ). Истата е насловена како „They Long for the Light of Your Touch“ и е комплетно посветена на овогодинешниот лауреат на фестивалот Ник Кејв кој ќе добие признание за животно дело.

Немања Ѓорѓевиќ е рок фотограф, видео режисер и уредник на порталот Балканрок и зад себе има бројни самостојни изложби. Учествувал и на бројни групни изложби меѓу кои се истакнуваат традиционалните „Рок моменти“, велат организаторите на Скопје Синема Сити.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Кинотека на Северна Македонија, Културно информативниот центар, Здружението на Србите во Македонија „Спона“, а во организација на здружението Номад-Арт.