Со грант од 5 милиони евра ќе се градат фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“

Фотоволтаиците ќе бидат инсталирани во двете електрани до 30 септември 2025 година за да се обезбеди комбиниран капацитет од 30 мегавати, од кои 20 мегавати за „Битола 1“ и десет мегавати за „Осломеј 2“

Фото: Мета.мк

Фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“ ќе се градат со грант од пет милиони евра од Европската Унија и заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Двата проекти за производство на енергија од обновливи извори во државна сопственост, во вкупна вредност од 25,6 милиони евра, обезбедени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), ќе треба да придонесат за енергетска транзиција на земјава и реализација на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика.

Фотоволтаиците ќе бидат инсталирани во двете електрани до 30 септември 2025 година за да се обезбеди комбиниран капацитет од 30 мегавати, од кои 20 мегавати за „Битола 1“ и десет мегавати за „Осломеј 2“. Двете соларни електрани се очекува да произведат околу 50 гигават часови електрична енергија, што одговара на потребите од енергија на 8.500 домаќинства и со кои емисиите на  јаглероден диоксид би се намалиле за околу 40.000 тони годишно.

Договорот за грант денеска го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев и претставникот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, евроамбасадорот Михалис Рокас и Евгенија Кирковска, раководител на секторот за координација на ЕУ-фондови и друга странска помош од Министерството за Европски прашања.

„Со потпишувањето на овој грант, имплементацијата на двата проекта влегува во завршна фаза. Осломеј 2 со просечно годишно производство од 16 гигават часови и Битола 1 со просечно годишно производство од 30 гигават часови ќе го зголемат портфолиото на обновливи извори во сопственост на државата што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на стратешките определби на патот кон зелената енергетска транзиција“, рече Узунчев.

Тој посочи дека проектите ќе имаат, освен енергетски, и социо-економски и еколошки придобивки. Во процесот ќе учествуваат локални компании, а дел од вработените во РЕК Битола и РЕК Осломеј со преквалификација ќе бидат ангажирани во работните процеси во новите електрични централи. Со намаленото производство на енергија од термоелектраните ќе се намалат и емисиите на јаглерод диоксид од 40.000 тони за вкупниот инсталиран капацитет од 30 мегавати. Фотонапонските електрани ќе бидат проектирани и изградени во согласност со европските и светските стандарди, а постапката за избор на изведувач за проектирање, набавка, изградба како и евалуацијата на понудите ќе ја спроведува ЕБОР.

Според евроамбасадорот Рокас, инвестицијата доаѓа во вистинско време затоа што обезбедува чиста и безбедна енергија. Според него, секоја инвестиција во зелена енергија ќе значи дека стануваме поатрактивна земја на можности.

„Мора да ги искористиме овие можности и се надеваме дека ова ќе биде само почеток за повеќе инвестиции во оваа област. Сигурен сум дека приватниот сектор е веќе подготвен да ги искористи овие можности и да инвестира во земјата. Северна Македонија ги исполни сите потребни обврски и треба да ги реализира можностите што ги има“, рече Рокас.

Претставникот на ЕБОР Туркменоглу, посочи дека грантот за фотонапонските централи во Осломеј и Битола е финасиран од Заедничкиот фонд за Западен Балкан и е доказ за поддршката на декарбонизацијата во земјата.

„ЕБОР претходно додели 25 милиони евра за развој и изградба на овој проект, кој е доказ за непрекинатата поддршка на декарбонизацијата на енергетскиот сектор во земјата. Тоа е одличен пример да се обезбеди алтернативно и одржливо користење на локациите за ископ на јаглен до старите термоелектрани“, смета Туркменоглу.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, посочи дека енергетската транзиција е визија за иднина во која ќе има чиста енергија, здрава животна средина и економски просперитет. Реализацијата на двата проекти ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид и ќе овозможи рекултивација на 45 хектари земјиште во кругот на РЕК Битола и на РЕК Осломеј.