Со новата когенеративна гасна електрана „КОГЕЛ“, лоцирана во кругот на скопската железарница, за една третина може да се зголеми постојниот број на приклучени корисници на парно греење на „ЕСМ – Подружница енергетика“ во скопските општини Гази Баба, Бутел и Чаир. Во моментов на централно греење од оваа електрана се приклучени околу 3.500 домаќинства, 17 градинки, основни и средни училишта и повеќе од 75 правни субјекти во населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром, информираат од ЕСМ.

Во својата прва грејна сезона, когенеративната електрана „КОГЕЛ“, заклучно со 31 јануари годинава, успеала да произведе 2.622 мегават – часови топлинска енергија за корисниците кои се греат на дистрибутивната мрежа на „ЕСМ – Подружница енергетика“. Десетте гасни мотори имаат топлинска моќност од околу 26 мегавати, при што овој капацитет дополнително произведува и електрична енергија за потребите на сите компании што се во кругот на скопската железарница.

„Во подружницата постојано се работи на зголемување на базата на корисници на топлинска енергија, а во иднина се очекува поврзување со новоизградените објекти во населбите Хиподром, Бутел и Чаир“, се вели во соопштението на „ЕСМ“.

Когенеративната гасна електрана „КОГЕЛ“ беше пуштена во употреба на 15 октомври минатата година. Државната компанија „ЕСМ“ инвестираше околу 13 милиони евра за купување и за ставање во функција на овој енергетски капацитет. Електричната и топлинската енергија се произведуваат од природен гас како еколошки чиста енергија.

Според податоците од Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 2018 година, инсталираната производна моќност на „ЕСМ – Подружница енергетика“ изнесува 96 мегавати. Сепак, должината на дистрибутивната мрежа веќе неколку години наназад изнесува само 38 километри. Доколку цевките за дистрибуција на топлинска енергија се продолжат кон општините Чаир и Бутел, тогаш на овој систем може да се приклучат и над 2.000 домаќинства, кои според податоците на РКЕ, до пред неколку години се грееле на централно греење на територијата на овие две скопски општини.