Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Во среда, во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби ќе започне вакцинирањето на здравствените работници кои работат во ковид-центрите во целата држава, информира Министерството за здравство.

„Вакцинацијата ќе почне во 10 часот, а прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективна клиника. Пунктот во модуларната болница каде има шест вакцинални позиции, ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути“, информираат во министерството.

Во текот на денешниот ден Националниот систем до ковид-центрите низ државата испраќа списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите.

Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Ова се вакцините кои нашата држава ги прими како донација од Република Србија. Со пристигнатите 4.680 дози вакцини од производителот „Фајзер“, поради фактот што за заштита од САРС-КоВ-2 потребно е една личност да прими две дози, ќе може да се вакцинираат 2.340 здравствени работници. Поради тоа, со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се споведува само во модуларната ковид болница во Скопје.

Од Министерството најавуваат дека со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.

Проф. д-р Драган Даниловски за Мета кажа дека ако се земе предвид дека максимален капацитет на вакцинирање е 2.500 луѓе на ден, како и дека имаме 32.000 здравствени работници (од кои 6.200 се доктори), под претпоставка дека имаме доволно  вакцини, за да се вакцинираат сите здравствени работници ќе бидат потребни 13 дена.

За да се обезбеди колективен имунитет, односно за да запре ширењето на ковид-19, потребно е околу 70 отсто од населението да се вакцинира.

Според проф. д-р Никола Пановски, кога би го имале потребниот број вакцини, може да се зголеми динамиката и да се прават и по 10.000 вакцинирања дневно.

„Но, ако под претпоставка утре би ги примиле вакцините, со 5.000 вакцинирања на дневно ниво, од 1 март до 15 септември би се вакцинирале 450.000 лица односно 60 отсто од сите над 40 години. Со темпото од 2.500 дневно, тие 70 отсто би ги достигнале за една година, односно дотогаш би се вакцинирале само здравствените работници, постарите лица од 60 години и хронично болните“, изјави проф. Пановски за Мета.