Со доделување на наградата „Лифт 2022“, започна малиот новогодишен саем на „Темплум“

Извор: Темплум

По 13-ти пат, и годинава се одржува Малиот новогодишен саем на книги на „Темплум“. Како што информираат од издавачката куќа, годинава за прв пат домаќин на неколкудневниот настан е галеријата „Метаноја“, во центарот на Скопје, на улица „Максим Горки“, 19.

Саемот којшто започна вчера вечер со доделувањето на наградите од конкурсот за стрип „Лифт 2022“, продолжува вечерва со Камишибаи претстави за деца и млади во изведба на Ангела Стојановска и Никола Гелевски.

На 2 декември, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на двете стихозбирки „Тријажа“ и „Почнуваме“ на Ива Дамјановски.

В сабота, 3 декември, од 12 часот ќе се одржи книжевниот квиз за деца со награди.

Истиот ден од 19 часот ќе бидат промовирани стрип-сликовницата „Панда во дрон“ од П. Вулкански и Р. Аврамовски, сликовницата „Зборувам како река“ од канадските автори Џордан Скот и Сидни Смит и стрипот „Малечката Сојка“ од финските браќа Ахонен. Во 21 часот, концерт ќе одржи Јоана Ристеска.

Во недела, 4 декември, по „Сказнувалка читанка“ во 13 часот, следуваат нови промоции. Станува збор за стихозбирката (и флип-книга) за мали и големи „Пу за Мите, пу за сите!“ од Владимир Лукаш. Таа ќе биде промовирана во 19 часот, а вечерта во 20 часот е концертот „Звук Караџиќ“.

В понеделник, 5 декември со почеток од 17 часот ќе има дискусија за проектот на „Сказнувалка“, а во вторник, 6 декември од 12 часот е планирано доделување на наградата „Новите“ за 2022 година.