Со доделување на наградите за најдобри документарци, затворено 12. издание на „МакеДокс“

Извор: Македокс

Со прогласувањето на наградените филмови, проекцијата на долгометражниот документарец „Хелмут Њутн: Лошите и убавите“ на Геро фон Бом и концертот на Тони Китановски и неговиот бенд во рамките на „Ноќни приказни“, вчера вечер заврши 12. издание на „МакеДокс“.

На овогодишното издание на „МакеДокс“ беа доделени пет награди и четири специјални признанија.

Жирито наградата „Кромид“ за најдобар филм од главната програма ја додели на „Рентгенска снимка на едно семејство“ на Фирузе Хосрованис.

„Преку својот брилијантен наративен стил, таа мајсторски го испреплетува архивскиот материјал од минатото со сопствените семејни слики и писма, додавајќи ги нивните недоследности и недостатоци, па оттаму ја расплетува приказната на неодоливо привлечен начин што овозможува подлабоко разбирање“, се наведува во образложението за доделената награда.

Специјално признание во Главната програма доби „Гунда” на Виктор Косаковски, бидејќи „ни дава увид, причина за размислување и набљудување на нашето однесување како луѓе. Направен со голема почит и љубов кон животните, овој филм нѐ импресионираше и нѐ трогна. Зачудувачките визуели на Гунда директно го прикажуваат животот на животните, потсетувајќи нѐ дека животните навистина си имаат свој јазик и дека ако човештвото сака да опстане, ќе мора да слуша“.

Наградата „Млад кромид“ во категоријата „Нови автори“ жирито ја додели на „Дида“ на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ, додека Специјално издание доби филмот „Помирување“ на Марија Зидар.

За најдобар краткометражен документарен филм и добитник на наградата „Сечкан кромид“ е прогласен „Играта“ на Роман Ходел, бидејќи „режисерот нуди нова перспектива на фудбалот, неверојатни визуели и аудио елементи проткаени во емотивна човечка приказна“. Специјално признание доби „Парченце рај“ на Анджеј Сичоцки.

Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Веќе никаде не се чувствувам како дома“ на Вив Ли, а жирито во состав Јулија Коваленко, Питер Зах и Ингибјорг Халдорсдотир потенцира дека „овој филм ни даде можност да искусиме длабока тага и носталгија кон домот, комбинирајќи го тоа со иронични моменти“.

Специјално признание во студентската програма доби „Си беше еднаш една младост“ на Иван Рамљак.

Наградата за филм со најдобри етички идеи ја доби „Луѓето од гаражите“ на Наталија Јефимкина.

„Сакавме да оддадеме почит на скромноста и интелигенцијата со која филмот ја опфаќа оваа галерија на животи кои се чини дека лесно се осудени на презир и заборав. Преку враќањето до ДНК-та на документарниот гест, Наталија Јефимкина трпеливо ја преведува на платното органската реалност што ја набљудува“, стои во образложението на жирито.