fbpx

Ден на албанската азбука- Пендаровски: Јазикот и културата се фундаменти на секој народ

-

Денеска, 22 Ноември, граѓаните од албанската националност го одбележуваат Денот на албанската абука, кога во Битола во 1908 година на конгрес се поставиле темелите на албанскиот јазик. По тој повод повеќе политички личности од РСМ упатија честитки и пораки во јавноста.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во честитката до припадниците на албанската етничка заедница во РСМ рече дека токму овој чин е основа за кодифицирање на албанскиот литературен јазик, меѓник за развојот на албанската култура и духовност и столб на национална себеидентификација.

„Горди сме што Денот на албанската азбука веќе 14 години е државен празник со кој се гордеат не само Албанците, туку и сите граѓани на нашата татковина. Јазикот и културата се фундаменти на секој народ и нивната негација значи обид за ништење на националната припадност. Во 21 век таквите обиди не можат да наидат на плодна почва и ќе бидат осудени на неуспех. Во време кога сме во кризна состојба предизвикана од пандемијата со ковид-19, уште еднаш апелирам да останеме сплотени, солидарни и одговорни и да се заштитиме себеси, најблиските и целата заедница“, посочи Пендаровски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во соопштение потсети дека на 22 Ноември 1908 година се одржал Битолскиот конгрес на кој албанските интелектуалци собрани од сите страни, по девет дневна неуморна работа излегле со најскапоцениот дар за еден народ – унифицирана азбука, со која ќе се продолжи да се пишува, чита и шири јазикот, културата, обичаите, посебностите и пишаната и испеана фолклорна традиција, која дотогаш се проследувала со странски букви на странски јазици.

„Дарот е голем, меѓутоа аманетот да се чува тој дар е уште поголем. Апелирам до сите претставници на политичкиот дијапазон, до институциите кои се основани за водење грижа за овој дар, до пишаните и електронски медиуми, до административните, просветните работници, со свој пример да придонесеме во растот на нови генерации кои ќе го сакаат, ќе го чуваат, почитуваат и говорат стандардниот албански јазик со сета негова убавина, богатство и посебност и нека тоа биде јазикот на заемно поврзување и почитување“, соопшти Џафери.

Премиерот Зоран Заев по повод Денот на албанската азбука изјави дека со чествувањето на овој ден се потврдува заедничката определба за почитување и унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Северна Македонија.

„Овој датум се смета за еден од клучните настани во историјата на Албанците и во нашата заедничка историја. Во градот на конзулите, на конгресот од 14–22 ноември 1908 година, се собрале голем број истакнати албански личности од културниот и политичкиот живот од почетокот на 20 век. Претседателот на конгресот, Мит’хат Фрашери и потпретседателите Луиѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Ќиријази, претседателот на комисијата Ѓерѓ Фишта, како и единствената жена на конгресот Парашќеви Ќиријази, која подоцна ќе го напише првиот буквар на стандардизираниот албански јазик и азбука која што е во употреба до денешен ден“, рече Заев.

Тој додаде дека должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница. „Моделот за иднината започнува со почитувањето на сите народи и етнички заедници“, изјави Заев.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби, во своето излагање посочи дека: „Албанскиот народ зборува еден јазик што не може да се поистовети со другите келтски, латински, германски, словенски или хеленски јазици. Сите што зборуваат на овој јазик имаат националност потполно одделена и целосно одвоена од онаа на другите народи во Европа“.

Груби соопшти дека годинава се одбележува и 80-годишнината од смртта на Ѓерѓ Фишта, претседателот на комисијата за изготвување на азбуката на Битолскиот конгрес, кому му се посветува оваа годишнина од Денот на албанската азбука.

„Причината зошто го избрав ова пророштво произлезено од големиот Фишта, за да го вратам во сеќавање денеска, е поврзаноста, зависноста и потребата да се потсетиме на последиците од конференцијата во Версај, која не успеа да стави крај на причините за Првата Светска Војна и предизвика дополнителни последици што се чувствуваат силно и денеска“, рече Груби. Тој додаде дека заедничко ни е патешествието кон слободата, правдата, еднаквоста, но и интеграција, а минатото не смее да ја држи иднината во заложништво и методите и вредностите на 19 век не можат да се вратат во 21 век.

Со „Денови на азбуката – 2020“ вчера и денеска се одржа културно научната манифестација во Институтот за духовно и културно наследство на Aлбанците, соопшти Министерството за кулутура. Денеска беше промовирана книгата „Дневникот на Параскеви Киријази“ од Скендер Асани и Нора Малиќи- Зулали и документарниот филм за УНЕСКО, посветен на интелектуалката Параскеви Киријази која претседавала со Советот за кодификација на албанскиот јазик во Битола 1908 година. Министерката за култура Ирена Стефковска, изјави дека јазикот е средство за комуникација, но мајчиниот јазик е аманет. „Нашата земја ја има привилегијата да изобилува со јазици и дијалекти. Тоа е културно богатство кое не прави поубави и посилни. Не го кријам задоволството што успеавме, во календарот на УНЕСКО за поддршка на значајни јубилеи во 2020, да ја внесеме и 50-годишнината од упокојувањето на Параскеви Киријази“, рече Стефоска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Температурните разлики се шок за луѓето, летоска можно е да има грмотевични бури

Деновиве се случуваат големи температурни осцилации. Влеговме во пролет со летни температури, а сега имаме ниски температури. Чувствителните луѓе реагираат на овие драстични временски разлики бидејќи организмот не може...