Фото: Jude Beck на Unsplash

Вкупно 108.200 граѓани и фирми имале блокирани сметки на крајот од минатата година, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Станува збор за 231.900 трансакциски сметки кои граѓаните и фирмите ги поседуваат во различни банки, што е 5,85 отсто од вкупните трансакциски сметки во државата.

Од нив, 191.300 блокирани сметки им припаѓаат на 80.600 физички лица, при што се забележува умерен пад од 1,2 отсто на годишна основа (наспроти 193.600 блокирани сметки во сопственост на 82.000 физички лица во 2018 година).

Бројот на блокирани сметки на правни лица (40.600 блокирани сметки во сопственост на 27.600 правни лица) е намален за 5,9 отсто во споредба со изминатата 2018 година

Според Народната банка, кај вкупниот број блокирани сметки во 2019 година има годишен пад од 2,1 отсто во однос на 2018 година.

Оттаму информираат дека вкупниот број трансакциски сметки во земјата отворени кај деловните банки на крајот на 2019 година изнесува 3,96 милиони, од кои 95,3 отсто се на физички лица, додека остатокот од 4,7 отсто се сметки на правни лица.

Вкупниот број сметки достапни преку персонален сметач или друг уред за извештаи или плаќања изнесува 1.228.000, односно 31 отсто од вкупниот број трансакциски сметки.