Со Биби и Боби во светот на емоциите: Дневник на убавите нешта (видео)

УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и „Светот на Биби“ покренаа нова иницијатива за поддршка на родителите при развивање вештини за користење активности за социјален и емоционален развој на децата преку игра.

Новата иницијатива на УНИЦЕФ и „Светот на Биби“, финансирана од Британската амбасада опфаќа серија анимирани приказни, сликовници и друг материјал за поддршка на социјалното и емоционалното учење во најраните години од животот. Иницијативата беше претставена вчера на онлајнработилница каде што родителите можеа да комуницираат со експерти и да добијат практични совети за активности со кои ќе им се помогне на децата да научат како да ги препознаат и да се справат со емоциите.

„Ние, родителите, воспитувачите, но и општеството, треба да бидеме вклучени во социјалниот и емоционалниот развој на децата. Преку интегрирање на мислите, чувствата и однесувањето, може да се остварат овие важни животни задачи“, рече Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија.

„Во првите години од животот на децата, детскиот мозок се развива со невидена брзина. Овој период нуди единствена можност за обликување на способноста на детето да учи, расте и да формира здрави врски. Секоја интеракција, поврзување и игра, колку и да е мала, може да го стимулира развојот на мозокот кај децата и да го унапреди нивното здравје и благосостојба“, рече Артур Ајвазов, заменик претставникот на УНИЦЕФ.

Тој додаде дека со социјалниот и емоционалниот развој не се подобрува само емоционалната благосостојба на децата, туку и нивната способност да учат, да соработуваат со другите и да развијат основни вештини за формално учење и социјална интеракција во училишните години и понатаму.

Во изминативе три години, УНИЦЕФ и Британската амбасада работеа на воведување сеопфатна програма за социјален и емоционален развој во сите јавни предучилишни установи низ земјата. Програмата не се однесува само на благосостојбата и развојот на децата во предучилишните установи, туку и на нивните наставници.

Искуството на наставниците покажува дека примената на техники и практики за саморегулација, управување со стресот и други стратегии за благосостојба им помогнала да ги моделираат вештините што се обидуваат да ги обликуваат в училница. Исто така, нивното искуство јасно покажува дека играта и раскажувањето приказни им помагаат на децата да ги изразат своите чувства, подобро да се сложуваат, да покажуваат емпатија кон другите во групата, да се грижат повеќе за околината и да се чувствуваат посреќни.

Врз основа на овие позитивни резултати, иницијативата на УНИЦЕФ и „Светот на Биби“ има за цел да поддржи повеќе родители и деца, вклучувајќи ги и оние кои не посетуваат предучилишно образование, преку забавни едукативни материјали со кои децата и семејствата ќе се ангажираат дома. Целта на материјалите е да ги поттикне родителите да се вклучат и да комуницираат со децата додека ги гледаат новите анимирани приказни со популарните ликови Биби и Боби, а и да разговараат со децата за нивните емоции, да прават заеднички активности за релаксација и да научат начини соодветни за возраста за справување со различни ситуации.

„Светот на Биби“ изработи осум анимирани приказни во кои се истражуваат различни аспекти на социјалниот и емоционалниот развој кај децата, а ќе се емитуваат на Македонската национална телевизија, почнувајќи од декември 2021, како и дигитална „Книга на емоции“ на македонски и албански јазик.

Првата епизода “Дневник на убавите нешта“ премиерно беше прикажана вчера на Јутјуб на македонски и на албански јазик.