Пред почетокот на денешното 11. продолжение на конститутивната седница на парламентот, со вообичаените партиски соопштенија утрово се огласија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ бара „парламентот и Ѓорге Иванов да ја испочитуваат и да ја спроведат мнозинската волја на 700.000 граѓани, преточена во 67 пратенички мандати и да овозможат избор на нов собраниски претседател и нова влада, без одложување“.
Партијата вели дека „Груевски не смее да се заканува со насилство во обид за спас од одговорност за направениот криминал со неговите неколкумина соработници“, но и дека „мирниот трансфер на власта е највисок државен интерес за Македонија и дека институциите се должни да овозможат спроведување на демократските процеси“.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека „народот не прифаќа ниту тиранска платформа, ниту тиранска влада“.
„Народот не дозволува да биде измамен и криминалци да му ја раскрчмуваат државата. Криминалецот Заев и злосторничкото здружение од врхушката на СДС се во паника. Не можат да ги испорачаат ветувањата со кои се уценети. Знаат дека ќе мора кривично да одговараат и да одлежат подолги затворски казни. СДС изгуби на изборите и покрај тоа што криминалецот Заев со срамни ветувања доби поддршка од Сорос и од нарко-мафијашките структури од подземјето“, се додава во соопштението.