Со ангажирана уметност, единствениот театар на сенки го актуелизира проблемот со малите хидроелектрани

Претставата „Флудо“ на театарот Сенки и облаци одиграна во Ростуше; Фото: Мета.мк

Преку ангажирана уметност, децата и младите може да се едуцираат за заштитата на реките во земјава, велат од театарот „Сенки и облаци“ кои изминатово лето и есенва работеа на мултимедијалниот перформанс со сенки „Флудо“, во соработка со „Еко-свест“. „Сенки и облаци“ е единствениот театар на сенки во Македонија, којшто во изминативе пет години работи неуморно во своите простории во скопско Дебар Маало. Во јуни и на крајот на септември овој ансамбл изведе три претстави во Скопје, Ростуше и Битола, со кои го актуелизираше проблемот со изградбата на малите хидроелектрани.

Катерина Сековска од театарот „Сенки и облаци“ вели дека досега работеле на разновидни проекти за подигање на свеста во однос на сексуалното и репродуктивното здравје, инклузивни проекти и проекти за едукација на деца и младинци. Во случаен разговор со преставници од „Еко-свест“, дошле на идеја дека можеби токму еден перформанс како „Флудо“ е потребен на нашава сцена.

Претставата „Флудо“ на театарот Сенки и облаци одиграна во Битола; Фото: Мета.мк

„Во тој контекст, сметаме дека треба да ги едуцираме децата и младите уште од најмала возраст во однос на заштитата не само на реките, туку и на сè околу нас“, вели таа.

Убавината на театарот на сенки, продолжува Катерина, е што може да се игра во различни простори и на отворенио.

„Убавото во овој театар е тоа што театарот си го носиме на грб, се поставуваме каде сакаме, единственото нешто коешто нѝ е потребно е да се стиши сонцето и сенките можат да играат“, раскажува Сековска.

Игра со сенки позади театарското платно; Фото: Мета.мк

На трите претстави со сенки беа присутни како деца од помала возраст, така и ученици од основни и средни училишта во земјава, но и повозрасни родители. Мултимедијалниот перформанс го прикажува животот на духчето Флудо, духот на водата, кој со своите пријатели од подводниот свет ќе биде заробен од човечка рака со изградбата на една мала хидроелектрана.

„На водата ѝ требаме ние, ѝ треба спас!”, беше пораката која што ја испрати театарот „Сенки и облаци“ во одиграните претстави.

Катерина Сековска, театар Сенки и облаци; Фото: Мета.мк

„Во последнава година работиме на една нова техника, која што во 60-тите години во Соединетите Американски Држави била некаков зачеток на визуелните ефекти и визуелизацијата на повеќето настани и концерти. Оваа техника е голем предизвик за нас, затоа што мешањето на вода со масло и со боја, всушност немешањето на водата и маслото, е тоа коешто нè поттикна да размислуваме за заробените реки, за загадувањето на реките и целата таа тема“, појаснува Катерина Сековска.

Благородна Коцева-Симјанов е уште член на театарот „Сенки и облаци, која беше вклучена во уметничкиот процес на изработка на претставата.

Благородна Коцева Симјанов, театар Сенки и облаци; Фото: Мета.мк

„Неформалното образование мислам дека многу често ја игра основната улога и во поимањето на формалното образование, односно наспроти формалните едукации неформалното образование е основна животна алатка, која сакајќи или несакајќи, нѝ се случува. Има многу можности, особено кај младите, каде од најмала свест преку уметноста која нуди секакви визуелни и телесни сензитивности за младите, секоја од темите може да ја восприемат многу поедноставно и поверно и да создадат вистинско чувство“, вели таа.

Во случајот со темата „Заробени реки“, децата и младите можат да создадат вистинско чувство на љубов кон водата и ценењето на водата, бидејќи ќе разберат точно што значи, вели Благородна Коцева-Симјанов.

„„Флудо“ ние го замислуваме како духот на водата, и конкретно е духот на водата во некое планинско рекиче, поточе, кој-како милува да го замисли, во кое си живее прекрасно со други рипки и со друг жив свет кој е специфичен само за таа река и не постои на ниедно друго место“, ја раскажува Благородна идејата за театарската престава, додавајќи дека станува збор за уште една форма на социјално-ангажирана уметност, каде што се пренесува коментар за одредено општествено случување.

„Еко-свест“ со поширока кампања против заробените реки

Инаку, театарската претстава „Флудо“ е само една активност од пошироката кампањата на „Еко-свест“ за заштита на реките од малите хидроелектрани во земјава. „Еко-свест“ кон крајот на септември годинава поведе иницијатива за започнување на формално-правна заштита на реката Радика, како прва река во земјава за која е побарана правна заштита со закон за реки или водотеци.

„Еко свест“ бара реките да се заштитат со закон, првата иницијатива е за Радика

Еден месец подоцна, откако македонската влада ја усвои одлуката за спогодбено раскинување на договорите за концесија за изградба на седум мали хидроелектрани во Националниот парк „Шар Планина“, од „Еко-свест“ побараа и укинување на договорите за концесии за изведба на мали хидроелектрани и во Националниот парк „Маврово“, во насока на вистинска заштита на реките и нивниот биодиверзитет во заштитените подрачја. Изминатава пролет од „Еко-свест“ појаснија дека токму субвенциите што ги дели државата се причината која ги привлекува инвеститорите да вложуваат во изградбата на мали хидроелектрани на реките.

И Маврово да се ослободи од мали хидроцентрали, апелира „Еко свест“

Театарот „Сенки и облаци“ со програма на претстави во земјава и низ светот

Од одигрувањето на првата претстава во 2008 година, театарот „Сенки и облаци“ одиграл огромен број на претстави со сенки, со кои се претставиле пред публиката во градови и села во Македонија, но и гостувале на фестивали во странство, вклучувајќи фестивали во Таубате (Бразил), Москва (Русија), Ченгду (Кина), Сараево (БиХ)…

Круме Стефановски, театар Сенки и облаци; Фото: Мета.мк

„Од претстави што ги правиме за публика, повеќето претстави се за помала публика, за деца. Секогаш гледаме да има во приказната дел којшто и ако нивните родители дојдат со нив, ќе им биде еднакво забавен, како приказни од типот на „Малиот принц“, „Силјан Штркот“, претстави што ги пишуваме кои би сакале да бидат и за деца и за возрасни“, ја објаснува Круме Стефановски досегашната работа на театарот „Сенки и облаци“.

Катерина Сековска додава дека во последниве пет години театарот „Сенки и облаци“ работи во изнајмен простор во населбата Дебар Маало, како мало театарче со капацитет од 30 седишта. Во текот на ноември ја имаа премиерата на детската претстава „Џинче“, а на репертоар до Нова Година ќе изведат уште неколку други претстави.

Дел од театарскиот ансамбл на театарот Сенки и облаци; Мета.мк

Од театарот „Сенки и облаци“ порачуваат дека се отворени за соработка со уметници на кои им е потребен простор за да ги прикажат своите креативни идеи пред публиката, напоменувајќи дека во изминативе пет години биле домаќини на различни формати на настани – од театарски престави преку концерти до промоции на книги.