Со 66 гласа „за“, пратениците го усвоија законот за прогласување на Шар Планина за национален парк

Фото:Petrovnik / CC BY-SA

Собранието на РСМ денеска го усвои Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Со ова, Шара станува четвртиот национален парк во земјава, но и првиот прогласен по осамостојувањето. Последното прогласување на национален парк во земјава било во далечната 1958 година.

По гласањето на пратениците, се огласи министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој напомена дека со овој чекор отвораме нова страница и можности не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој и за воспоставување на поширока прекугранична соработка и користење на нови финансиски можности за развој на брендови и разни форми на туризмот.

„Со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во Северна Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет. Располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни,  пределни и културни вредности“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Подготовките за изработка на нацрт-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк започнаа на почетокот од септември 2020 година, откако Владата на 5 мај 2020 година донесе одлука за прифатливост на предлогот на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за национален парк и го задолжи министерството да спроведе јавна расправа и да подготви предлог-закон.