fbpx

Со 62 гласа „ЗА“, Собранието ја избра новата влада на премиерот Зоран Заев

-

Со 62 пратенички гласа „ЗА“, Собранието на РСМ вечерва ја избра новата влада предводена од Зоран Заев. На седницата присуствуваа 115 пратеници, од кои 113 пратеници се одлучија да го дадат својот глас. Против предложениот состав на новата влада гласаа 51 пратеник. Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери им го честиташе изборот на министрите и на премиерот Зоран Заев во новиот владин состав.

Во своето излагање пред гласањето за избор на извршната власт, мандатарот Зоран Заев рече дека новата влада чесно и одговорно ќе им служи на сите граѓани и во сите области. Тој изјави дека сите внатрешни прашања во земјава се решени, а сите соседни земји ни се пријатели. Северна Македонија сега е членка на НАТО и ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, рече премиерот Зоран Заев.

Истовремено, тој им упати повик на младите да останат дома и да не заминуваат во странство, како би можеле тие да помогнат во трансформацијата и европеизацијата на нашата земја.

– Најавувам целосна посветеност на економијата. Намалување на непродуктивните трошоци и рационализација на администрацијата – изјави Зоран Заев во своето обраќање пред гласањето за избор на новата влада.

Тој испрати апел и до опозицијата да соработува заедно со власта за стратешките прашања за нашата земја, потсетувајќи дека пред 30 години Киро Глигоров и Никола Кљусев и покрај различностите, при осамостојувањето на земјата биле обединети во триумфот и радоста. Заев им се заблагодари на граѓаните кои гласаа на одржаните избори за поддршката, честа и одговорноста.

– Ветуваме храброст, мудрост, работливост и чесност во следните четири години – изјави премиерот Зоран Заев.

Новиот владин состав предводен од премиерот Зоран Заев има 19 министри. За министер за одбрана е избрана Радмила Шекеринска – Јанковска, со Министерството за внатрешни работи ќе раководи Оливер Спасовски, додека со Министерството за правда ќе раководи Бојан Маричиќ. Нов министер за политички систем и односи меѓу заедниците е Артан Груби, министер за надворешни работи е Бујар Османи, додека министер за финансии е Фатмир Бесими.

Со Министерството за економија ќе раководи Крешник Бектеши, додека на чело на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Арјанит Хоџа. Старо-нов министер за здравство е Венко Филипче, додека Мила Царовска е избрана за министер за образование и наука. Нов министер за труд и социјална политика е Јагода Шахпаска, министерството за локална самоуправа ќе го раководи Горан Милевски, а на чело на Министерството за култура ќе застане Ирена Стефоска.

Во избраниот владин состав на премиерот Зоран Заев ново име е и Јетон Шаќири, кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и јавна администрација, како и Благој Бочварски кој доаѓа на чело на Министерството за транспорт и врски. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе го раководи Насер Нуредини, додека тројцата министри без ресор се: Љупчо Николовски, Никола Димитров и Фатмир Битиќи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...