По целодневната дебата исполнета со жестоки обвинувања на двете спротивставени страни, Собранието вчера не изгласа недоверба на Владата, на четвртото гласање од овој тип во самостојна Македонија.
Со 62 гласа „против“, 40 „за“ и Мерал Узеири Ферати од ДПА и Реџеп Мемеди од Беса кои беа воздржани, по десет часа расправа, на половина час пред истекот на рокот, пред полноќ, Владата ја доби довербата да продолжи со својот мандат.
Во долгата расправа пратениците од опозицијата обвинуваа за назадување во сите сфери, партиски диктат во државната управа, како и за криминал, додека нивните колеги од владејачката коалиција порачуваа дека резултатите на оваа Влада се одлични, со оглед на фактот дека владее 10 месеци, а морала да се справува со низа катастрофални штети што претходната власт ги нанела во многу сфери во државата.
Последен од пратениците говореше поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој го обвини премиерот Зоран Заев дека е посветен исклучиво на прашањето за промена на името, дека се занимава со маргинални прашања, наместо со конкретни иницијативи и побара од него да се повлече од политиката „пред да направи поголема штета“.
Одговарајќи му, Заев, кој говореше последен на собраниската седница, ја повтори програмата на неговата Влада, го потенцираше катастрофалната состојба која ја затекнале во институциите кога ја превземале власта и му порача на својот опонент Груевски дека завршило неговото време.
– Никола Груевски, ти си минато, Македонија чекори напред, Македонија расчисти со тебе, ти си дел од темното минато. Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе нанесат штета врз буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенрира во самите институции. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните и државата, тоа е ЕУ и НАТО. Оваа можност беше прифатена од опозицијата -, истакна премиерот Заев во своето обраќање.
Барањето за гласање на доверба на Владата беше поднесено во неделата, со потписи на 41 пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.