Со 46 милиони евра, од кои 35 милиони заем од германската развојна КфВ банка и 10,7 милиони
неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) во следните неколку години ќе се модернизираат шест големи хидроелектрани, Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица во рамките на три хидроенергетски системи „Маврово“,
„Црн Дрим“ и „Тиквеш“.
Ќе се инвестира во замена на застарената опрема со што ќе се намалат прекините во работата, ќе се продолжи работниот век на постројките и ќе се зголеми оперативната безбедност, со што се
обезбедува сигурно балансирање и испорака на електрична енергија кон електроенергетскиот систем.
„Придобивките од модернизацијата се директни и мерливи – го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати, со што обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија. Зголеменото производство и обем на системски балансни услуги, ќе ни донесат најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи“, изјави Лазо Узунчев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со инвестицијата ќе се овозможи зголемување на портфолиото на производство на АД ЕСМ во делот на обновливите извори на енергија, а со тоа ќе се обезбеди квалитетна електрична енергија.
„Одиме во насока да бидеме нето-нула кога ќе се направи односно разлика на произведената и потрошената електрична енергија. Веќе неколку месеци се движиме над или околу 95, отсто и сметаме да бидеме нето-нула на крајот од годината. Мислам дека следната година дури ќе имаме и одредени вишоци“, рече Мицкоски.
Според Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, земјава има голем хидропотенцијал, но за негово искористување потребно е модернизирање на постројките.
„ЕУ придонесе за ревитализација на 6 хидроелектрани со грант вовизнос од 11,2 милиони е ра. Преку Планот за раст, ќе продолжиме со финансиска и советодавна поддршка за енергетскиот сектор во земјата“, изјави Рокас.
