Јавниот превоз во Прилеп наесен ќе добие 4 нови нископодни автобуси од марката „Исузу“. Јавното претпријатие за ПУП – Прилеп го потпиша договорот со фирмата „Аутомакедонија“ од Скопје за обнова на возниот парк, инвестиција вредна 60 милиони денари. Идните автобуси ќе сообраќаат на постојните градски линии и ќе заменат дел од амортизираниот возен парк, со просечна старост од над 22 години.

– Од септември на располагање ќе ги имаме четирите нови автобуси на метан – изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски на одржаниот Граѓански парламент на кој се претставија проектите кои Општина Прилеп ќе ги реализира до крајот на 2019 година.

Новите градски автобуси ќе бидат климатизирани, а нискиот под ќе овозможи превоз на инвалидизирани лица со нив. Обновениот возен парк во иднина нема да го загадува воздухот, поаѓајќи од фактот дека еколошките автобуси ќе бидат на погон на метан, со мотори што ги задоволуваат најновите ЕУРО стандарди.

„Аутомакедонија“ ќе има обврска да обезбеди сервис и резервни делови за новите автобуси во период од 2 години, заедно со гаранција за возилата од минимум 24 месеци или 100.000 изминати километри. Времетраењето на потпишаниот договор е 2 години, при што прилепските општинари се обврзуваат да ги исплатат новите автобуси на 48 месечни рати без камата, се наведува во договорот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки.

ЈП за ПУП – Прилеп во моментов располага со 13 веќе амортизирани автобуси за организирање на јавниот превоз, кои беа набавени на старо од претходната локална самоуправа. Поради тоа, половина од возниот парк веќе е расипан, со сериозни дефекти кои ја прават финансиски неодржлива поправката на овие автобуси. Прилеп и Скопје се единствените градови во земјава што самите го организираат јавниот превоз и управуваат со сообраќајните претпријатија.