Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски

Во текот на годинава ќе заврши рехабилитацијата на втората фаза, а веќе во март ќе започне реконструкцијата на коловозот на првата фаза од патниот правец меѓу Куманово и Страцин на патниот Коридор 8. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми денеска извршија увид во градежните работи, информираат од Министерството за транспорт и врски.

„Инвестицијата е во вкупна вредност од 13 милиони евра, а предвидена е рехабилитација на делницата долга 32 километри. Тоа што е значајно е дека значително ќе ја подобриме безбедноста во сообраќајот на овој државен пат“, изјави министерот Бочварски.

Тој додаде дека покрај реализацијата на втората фаза, веќе е избрана фирма изведувач, а во фаза на избор е надзорот за рехабилитација на делницата меѓу Куманово и селото Војник. Пролетва ќе започнат изведбените работи и на оваа фаза, со што целосно ќе биде рехабилитиран овој патен правец кон Бугарија.

Во однос на реализацијата на втората фаза, директорот на ЈП за државни патишта Рустеми потецираше дека од буџетот на ЈП за државни патишта се инвестираат 7,2 милиони евра за рехабилитација на овој патен правец.

„Денеска сме овде да го проследиме прогресот во градежните активности кои се извршуваат на рехабилитацијата на државниот пат А2 делница Куманово-Страцин, втора фаза. Станува збор за делница долга 16,64 км со променлива ширина од 7 до 10 метри“, изјави тој.

Инаку, министерот Благој Бочварски потенцираше дека за модернизација на Коридорот 8 земјава во моментов инвестира преку 700 милиони евра. Во делот кон Бугарија, периодов се работи на надградба и реконструкција на патниот правец Крива Паланка-Деве Баир, се гради новиот експресен пат Ранковце-Крива Паланка, а веќе беше и реконструиран постојниот пат меѓу Ранковце и Крива Паланка.

Во однос на трасата на Коридорот 8 кон Албанија, периодов се работи на доградба на автопатот Кичево-Охрид, а до крајот на годинава треба да се избере градежна компанија за почеток на изведбата на првата фаза од идниот автопат меѓу Гостивар и Кичево.