Со издвојување на 0,5 отсто од државниот буџет ,односно околу 885 милиони денари (14,4 милиони евра) за Македонската радиотелевизија (МРТ), националниот сервис ќе има помалку пари на располагање од буџетите во изнинатите неколку години, кои беа од 18 до 23 милиони евра.
Оваа сума, како што пишува „Вистиномер“, но, и како што предупредија Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Независниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ), нема да гарантира незвисен, професионален и ефикасен национален сервис, што требаше да биде една од клучните реформи во медиумите.
Имено, според предложеното законско решение од Буџетот за радиодифузната дејност за 2018 година ќе бидат одвоени околу 14,4 милиони евра, од што на МРТ ќе и припаднат 10,7 милиони евра.
Според Законот средствата што се одвојуваат од буџетот за радиодифузијата се делат по принципот: МРТВ добива 74,5 отсто, Македонската радиодифузија 19,5 отсто, а остатокот од 6 отсто оди за Агенцијата за аудио и аудиовизулени мадиумски услуги (ААВМУ). Тоа значи дека МРТ ќе добие околу 10.7 милиони евра.
Само минатата година, која не се смета за најуспешна во буџетирањето на МРТВ, преку факторите РДТ, пари од Владата по разни основи и остварен приход од реклами, националниот сервис имал над 19 милиони евра за 2016 година.
Како што пишува „Вистиномер“, лани само од РДТ, јавниот сервис имал приход од околу 14 милиони евра. Со таа ставка буџетот на МРТВ, заедно и со другите приходи, во 2016 стигнал до над 19,3 милиони евра.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ бараат од Владата сумата што ќе се одвојува за МРТВ да биде 1 отсто од државниот биџет или околу 25 до 30 милиони евра, годишно.
Од Министерството за информатичко општество и администрација во август годинава на финална расправа испратија предлог-законот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги каде што процентот на буџетско финансирање за радиодифузијата беше 0,7 отсто. Но, наместо да се дискутира за таа верзија сега се појави предлог –закон во кој процентот за финансирање на радиодифузијата е 0,5 отсто.
Инаку, обезбедувањето на доволно средства за независно функционирање на МРТВ е и едно од клучните барања на Еврпската Унија и на европскиот експерт Рајнхард Прибе, во неговиот извештај од 2015 година и во најновниот од јули, оваа година.
„Мора итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување“, стои во извештајот на Прибе.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.