Сними филм на мобилен и до 15 ноември пријави се за учество на „Мобил филм фест“

Photo by Elliot Teo on Unsplash

Меѓународниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил филм фест“ објави отворен повик за филмови за учество на 12-тото издание, кое е предвидено да се одржи од 25 ноември до 1 декември годинава.

Право на пријавување имаат сите заинтересирани лица кои снимиле филм со мобилен телефон што не е подолг од 10 минути, а исто така критерум е филмовите да не биле пријавени на претходните изданија на „Мобил фестивал”. Во конкуренција ќе влезат сите филмови што ќе пристигнат до крајниот рок за пријавување – 15 ноември 2021 година. Филмовите може да се пријават на електронската адреса: [email protected] или преку профилот на фестивалот: FilmFreeway.

Селектираните филмови на фестивалот ќе влезат во конкуренција за добивање на овогодинешните награди: Награда за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале”; Награда за најинвентивен филм; Награда за најоригинална приказна; Награда за најдобра идеја и Награда за најдобар филм во домашната програма „Млади таленти”.

Организаторот информира дека најдобрите филмови ќе бидат прикажани во натпреварувачка програма на меѓународните фестивали кои се во мрежата фестивали за филмови снимени со мобилен телефон, а се во партнерство со „Мобил фестивал”. Организатор на фестивалот е продуцентската куќа „КТ Филм и Медиа”. Фестивалот е поддржан од Град Скопје.