Снабдувањето со струја нормализирано во југозападниот дел од земјава

Фото: Matthew Henry on Unsplash

Неколку часа откако југозападниот дел на земјава се соочи со прекин во снабдувањето со електрична енергија, МЕПСО успеа да ги санира дефектите на двата далноводи кои испорачуваат струја на Дебар, Кичево, Струга, Охрид, Ресен и околните населени места.

Од МЕПСО велат дека причина за прекин во снабдувањето со електрична енергија биле обилните врнежи од снег, коишто предизвикале дефект на далноводите. Инаку, врнежи од снег во текот на денешниот ден, покрај на планините, забележани се и во Полошкиот, Дебарскиот, Кичевскиот и Струшкиот регион.

Прекин на снабдувањето со струја во југозападниот дел од земјава настана претпладнево, откако без напон останаа два 110-киловолтни далноводи од Вруток до Шпилје и од Битола до Ресен.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавуваат дека врнежите од дожд и снег во земјава треба постепено да престануваат во ноќните часови, додека послаби врнежи од дожд и снег во утрешниот ден ќе има единствено во источните и западните делови од земјава. Температурите наредните денови ќе бидат во постепен пад, а ќе дува и умерен до засилен северен ветар.