fbpx

Смртта на пејачот Масимо Савиќ не е поврзана со вакцината, ниту со срцев или мозочен удар

-

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот, при што се прави чуден линк меѓу смртта на пејачот Масимо Савиќ со неговите ставови за вакцинацијата. Тоа што пејачот бил поборник за вакцинацијата, не го прави припадник на „сатанисти и глобалисти“. Неговата смрт не е поврзана ни со срцев удар, ни со мозочен удар, туку е поради канцер на белите дробови, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделуваат фотографии од две постари информации за ставовите на легендарниот пејач Масимо Савиќ кој почина. Двете информации се однесуваат на неговите ставови за вакцинацијата против ковид-19. Во самиот пост пак се вели:

Почивај во мир младичу.
Се држеше на страната на глобалистите и сатанистите кога беше жив…
За време на пландемијата не линчуваа нас “антиваксерите”, сега сите молчат кога умираат! Колку ли само умреа од “срцев” и “мозочен” удар…

Првата е фотографија во постот е од текст од 13.09.2021 година, во којшто пејачот во врска со вакцинацијата изјавил дека „слободата на луѓето им е на дофат и дека нема потреба да комплицираат“ (во текстот тој говори пред неговиот концерт кој требало да се одржи и во контекст на промоција на вакцинацијата како здравствена цивилизациска придобивка). На втората фотографија во постот, се споделува изјава на Савиќ за српски медиум, исто така, од 13.09.2021 година, во која тој вели дека антибиотиците и вакцините се како богатство.

Можеби поголем број луѓе ќе одговорат на имунизацијата. Ако сега се вакцинираме, како што правевме против сипаници, за седум дена, целата поранешен Југославија би го решиле тоа по кратка процедура и би живееле нормално. Луѓето, сепак, не сакаат. На пример, вакцинација против грип. Јасно е дека еден од 100.000 ќе има многу лоша реакција. Таков е случајот со вакцината за овој вирус. Сепак, се крева фама на социјалните мрежи, стравот се движи и луѓето се плашат без причина. Вакцините и антибиотиците се богатство на цивилизацијата. Ова ни овозможи да живееме целосен живот, дури и до осумдесеттите години. Животниот век порано беше многу пократок, рекол  пејачот.

Во постот кој го рецензираме се вели:

Почивај во мир младичу. Се држеше на страната на глобалистите и сатанистите кога беше жив. За време на пландемијата не линчуваа нас ,,антиваксерите”, сега сите молчат кога умираат! Колку ли само умреа од ,,срцев” и ,,мозочен” удар.

Во текот на пандемијата со ковид-19, од страна на антивакцинални движења во земјава и ширум светот, дури и јавно на протести, изнесуван беше непоткрепениот став односно теоријата на заговор, дека пандемијата е всушност „пландемија“, односно дека постоел наводен план за нејзиното создавање од масовни неверојатни светски размери, иако тоа не е возможно. И во овој пост се продолжува со тој наратив, во којшто се проширува приказната дека зад наводната пландемија стојат глобалистите и сатанистите, а во оваа група неселективно се ставаат сите добронамерници кои апелираат на вакцинација, дури и ако тоа го прават ненаметливо, неагресивно и од позиција на добронамерно укажување за побрзо надминување на пандемијата. Фактите се дека вирусот измутира во текот на повеќе фази од пандемијата, но и дека имаше вакцинација односно поширок вакцинален опфат и тие две работи доведоа до тоа интензитетот на пандемијата да се намали и евентуално да се дојде до посакуваната ситуација да нема смртност во државата.

Самото тврдење дека пејачот Масимо Савиќ бил на страната на глобалистите и сатанистите кога бил жив, само зашто бил поборник за вакцинација со цел надминување на пандемијата (а и за да се присуствува на концертите на естрадните ѕвезди неопходни беа сертификати за вакцинација во одредени периоди од вакциналната кампања) е спин и манипулација. Вакцинацијата се одвива врз база на научни студии коишто потврдија дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и ефективни, спречуваат тешки форми на болеста и превенираат смрт. Ефикасноста на вакцините повеќепати беше потврдувана.

Хрватскиот музичар Масимо Савиќ почина на 23.12.2022 година на 61 годишна возраст. Веста за неговата смрт ја соопшти неговото семејство.

Нашиот татко, сопруг, гордост и љубов, Масимо Савиќ, нѐ напушти по кратка, но херојска борба. Иако го напушти овој свет, вечно ќе живее во нашите души; насмеан, топол, силен, полн со љубов и исткаен од уметност. Ние ќе бидеме ваши девојки засекогаш. Ани и Мирна објавија неговата сопруга и ќерка на неговата официјална страница.

Аквариус Рекордс потврдиле дека причината за неговата смрт е канцер на белите дробови.

Како што повеќепати имаме пишувано, канцерот и вакцината не се корелирани, иако таа дезинформација е популарна во антивакциналните движења. Во постот што го рецензираме, кога авторот пишува за смртта од срцев или мозочен удар овие две работи ги става во наводници, со што инсинуира дека вистинската смрт е последица на нешто друго, а дека се прикрива под плаштот на срцевите и мозочните удари.

Но, смртта на Савиќ не е поврзана ни со мозочен ни со срцев удар ни со вакцинација. Познати се спинувањата дека смртните случаи на спортисти поради срцев удар биле поврзани со вакцините што Вистиномер го дебанкираше во повеќе наврати, на пример овде.

Различни студии не докажуваат причинско-последична врска меѓу вакцината и срцев и мозочен удар.

Проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека глобална студија покажала дека 6 проценти од хоспитализираните со ковид-19 имале мозочен удар, што значи дека ковид-19 како болест може да има придонес во овие состојби.

Поради сите горенаведени факти сметаме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот, при што се прави чуден линк меѓу смртта на пејачот Масимо Савиќ со неговите ставови за вакцинацијата. Тоа што пејачот бил поборник за вакцинацијата, не го прави припадник на „сатанисти и глобалисти“. Неговата смрт не е поврзана ни со срцев удар, ни со мозочен удар, туку е поради канцер на белите дробови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...