Фото: Фејсбук профил ГРК Охрид

Хрватскиот ракометар Денис Тот којшто вчера почина на Клиниката за реанимација, анестезија и интензивно лекување КАРИЛ во Скопје бил претходно нападнат во близина на дискотеката „Привилиџ“. Основното јавно обвинителство (ОЈО) соопшти дека на Институтот за судска медицина и геонтологија била извршена обдукција врз починатото лице и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.

„Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Од Обвинителството додаваат дека лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура.

По добиеното известување од Министерството за внатрешни работи за случен кривично правен настан со смртни последици, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, со цел да се испитаат сите околности во насока на расчистување на настанот издал наредби за обдукција на телото на починатиот, за обезбедување на видео записи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата.

Од прегледаните видео записи, идентификувани се три лица за кои предметниот обвинител по добивање на кривичната пријава ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка. Тие се сомничат дека сториле убиство, а меѓу нив е и една девојка.

„Двајца од осомничените се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Од Обвинителството ценат дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор.