По објавувањето на текстот на „Мета.мк“ „Програмскиот совет на МРТ со истечен мандат ќе си бира нови членови на Надзорниот одбор“, во јавноста се разви дилема дали навистина е тоа така. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) побара повлекување на одлуката на Програмскиот совет на МРТ за распишување на конкурсот за избор на членови на Надзорниот одбор, додека од Министерството за информатичко општество и администрација изјавија дека раководството на МРТ не ги исполнило препораките од голем број меѓународни и домашни релевантни институции, дека е неопходна стратегија за реформа МРТ, како и дека актуелното раководство е со „невалиден мандат“.

На оваа тема и упативме прашања до Смилка Јанеска Саркањац, Претседателка на Програмскиот совет на МРТ. Во одговорите таа посочува дека мандатот на Програмскиот совет на МРТ трае до изборот на нови членови и тој функционира во полн капацитет, како и дека „неизборот на нов Надзорен одбор ќе предизвика блокада на работата на МРТ“. Саркањац, понатаму, смета дека нема потреба да го консултира Собранието за распишувањето на конкурсот, бидејќи како Програмски совет, работат според законите донесени од Собранието. Саркањац се повикува на препораката на ДКСК дека „до денот на распишување на избори, органите треба да работат во согласност со законите“.

Во Законот за ААВМУ се вели дека Програмскиот совет на МРТ има мандат во траење од 5 години, којшто истекол во декември 2019 година, ако се земе предвид фактот дека досегашниот состав е избран во декември 2014 година. Од друга страна, со измени во законот во 2018 година дадена ви е можност да ја задржите функцијата сѐ до изборот на новите членови. Поаѓајќи од ваквата правна противречност, како во моментов функционира Програмскиот совет на МРТ?

Програмскиот совет на Македонската Радиотелевизија функционира според важечката законска регулатива. Членот 43 од Законот за изменување и дополнување на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 31.12.2018 година гласи:

“Постојните членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членовите на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на МРТ ја вршат функцијата до изборот на членови на Советот и директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членови на Програмскиот совет и директор и заменик на директор на МРТ. ”

Поаѓајќи од фактот дека сте со истечен мандат, како може Програмскиот совет на МРТ да распише конкурс за избор на членови на Надзорниот одбсор на МРТ? Направени ли се консултации со правни експерти во врска со ваквиот потег?

Според важечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, мандатот на Програмскиот совет на МРТ трае до изборот на нови членови и тој функционира во полн капацитет. Сите заклучоци и одлуки што ги носи Програмскиот совет коишто имаат финансиски импликации, а кои се бројни, мораат да поминат на мислење кај Надзорниот одбор за да можат да се усвојат. Мандатот на постоечкиот Надзорен одбор завршува на почетокот на март 2020, а неизборот на нов Надзорен одбор ќе предизвика блокада на работата на МРТ, особено во овој особено значаен предизборен период.

Како ја коментирате констатацијата на Здружението на новинари дека со ваквиот чекор на распишување на конкурс за избор на членови на Надзорниот одбор, Програмскиот совет на МРТ работи на граница на легитимноста?

Нам не ни е познато која е граница на легитимноста, ние работиме според важечките закони.

Дали го консултиравте Собранието на РСМ како основач на МРТ пред потегот да го распишете конкурсот за избор на нови членови на Надзорниот одбор на МРТ?

Собранието нема потреба да го консултираме, бидејќи како Програмски совет, работиме според законите донесени од Собранието. Годишните планови и извештаи (и програмски и финансиски) навремено се доставени до Собрание. Освен ова, и Државната комисија за спречување на корупцијата има објавено препорака дека до денот на распишување на избори, органите треба да работат во согласност со законите, така што ниту една наша одлука не е спротивна на македонските закони.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.