fbpx

Сметководителите при ССК бараат подобра координација меѓу институциите за навремена исплата на економска помош

-

Во подготовката на законските решенија за имплементација на економските мерки од четвртиот пакет да постои подобра координација меѓу надлежните институции и да бидат прифатени забелешките во однос на процедурите кои ги дава приватниот сектор, побара Комората на сметководители на Македонија при Сојузот на стопански комори на денешната прес-конференција.

Од таму велат дека само така ќе се донесат функционални решенија кои ќе овозможат  предвидената помош за надминување на штетните ефекти од пандемијата врз стопанството да стигне до оние на кои им е најпотребна и нема да се остави простор за различни толкувања на законските одредби што ќе создаде дополнителна правна несигурност.

„Уште во фаза на подготовка на законските решенија мора да постои подобра координација меѓу сите надлежни институции, а особено меѓу Министерството за финансии и Управата за јавни приходи каде се обработуваат и систематизираат податоците за деловните субјекти врз основа на кои потоа се дефинираат критериумите и условите за добивање на помошта. Исто така критериумите и условите важно е да бидат прецизно и јасно дефинирани за да не оставаат простор за различни толкувања и конфликтни ситуации меѓу засегнатите страни“, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Таа посочи дека во законот за финансиска помош за исплата на плати за последните три месеци на 2020 година, кој се очекува да биде разгледуван во Собранието би требало јасно да се дефинира дали со предвидената помош треба да се исплати бруто или нето плата. Ако остане недефинирано, како што беше со уредбата за истата мерка во претходните пакети за економска поддршка, повторно може да се појават различни толкувања од надлежните институции и несигурност кај деловните субјекти.

Комората на сметководители потенцира и дека при носењето на законските решенија за економските мерки мора да се имаат предвид рокови во кои тие треба да се  имплементираат, но и роковите кои веќе се дефинирани во другите важечки закони, како и реалното време кое е потребно за да се изготви документацијата за аплицирање.

„Денеска сме 27 октомври, а законот за финансиска поддршка за исплата на плата за октомври, ноември и за декември уште не е донесен. Пријавата за добивање на финансиска помош ќе треба да се поднесе најдоцна до 7 ноември, а за да може да се поднесе ќе треба да се направат и пресметки за остварени приходи и да се обезбедат сите потребни документи. Ако се земе предвид како до сега функционираа работите кога беше во прашање аплицирањето за економските мерки, повторно товарот ќе падне на сметководителите, а некои претпријатија поради кусите рокови може и да не успеат да аплицираат и да останат без неопходната помош. Во нормални услови пресметките за исплата на плати почнуваат од 25-ти во месецот, за да може навреме да се исплатат личните доходи до 15-ти наредниот месец. Јасни и навремени законски решенија и подобра техничка институционална подготвеност за спроведување на истите е од голема важност за непречено функционирање на стопанството, особено во услови на криза,“ додаде Андреева.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...