Високите сметки за струја се предизвик за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Ова го истакнала ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова на средбата со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Како што соопштија од Министерството за енергетика, ректорката Ангелова ја истакнала важноста на енергетската стабилност за редовното функционирање на универзитетот, наведувајќи дека високите сметки за струја претставуваат значителен финансиски товар. Ректорката посочила оти УКИМ бара начини за оптимизација на трошоците за електрична енергија, како и долгорочно и одржливо решение.
Од министерството велат дека над 200 јавни установи во моментов плаќаат просечна дневна берзанска струја, што значително ги оптоварува нивните буџети.
„Иако Македонија повеќе од година и половина успешно ја менаџира својата берза за електрична енергија, која функционира преку националниот Оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО), повеќето државни и јавни институции, вклучувајќи ги училиштата, болниците и комуналните претпријатија, се соочуваат со сериозни предизвици. Овие институции се обврзани да купуваат електрична енергија на слободниот пазар, плаќајќи по цените што се формираат на берзата ХУПЕКС во Унгарија“, се вели во соопштението.
Министерката Божиновска ја истакнала подготвеноста на министерството кое го раководи да се разгледаат можностите за „олеснување на оваа ситуација“.
„Министерката потенцираше дека решавањето на овој проблем е од суштинско значење за подобрување на енергетската одржливост на јавниот сектор и за ослободување на средства кои би можеле да се инвестираат во други развојни проекти“, пишува во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Претходно, во интервју за Мета.мк, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Александар Николовски, кажа дека Министерството за образование и наука (МОН) на универзитетот му нема исплатено средства за трошоците за електрична енергија, поради што постоела опасност УКИМ да остане без струја.
„МОН досега сè уште нема исплатено средства на УКИМ за струја и во секој момент ректорката притиска ЕВН да не ги исклучат од струја, а Министерството за финансии да направи некој ребаланс за да се префрлат средства. Тоа се некои работи за коишто мора да се кажат за студентите и за јавноста, дека имаме проблем, но мораме да најдеме и решение“, рече Александар Николовски во интервју за Мета.мк во ноември.