Сместување во студентски дом е далеку побезбедно и поевтино отколку под кирија, велат студентските лидери

Неизвесно е дали, кога и под кои протоколи повторно ќе се отворат студентските домови за сместување на студентите во академската година што следи. Студентите ќе мора да ја почекаат конечната одлука, која треба да ја соопшти Комисијата за заразни болести. За ова информираше и министерката за образование и наука, Мила Царовска на прес-конференција.

„Протоколите за отворање на училишните и студентските домови се во Комисијата за заразни болести. Двете министерства разговараат за оние прилагодувања кои што треба да се направат за да на крајот Комисијата ја донесе конечната одлука“, изјави министерката Царовска.

Пред само неколку дена, од Универзитетското студентско собрание побараа отворање на студентските домови, како и средба со министерот за здравство, Венко Филипче и со претставниците на Комисијата за заразни болести. Како што велат, затворањето на студентските домови ќе претставува тежок удар за студентскиот животен стандард во услови на голема економска криза. Претседателот на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов во изјава за Мета вели дека е остварена комуникација со Комисијата за заразни болести, од каде што ги информирале дека се разгледува протоколот за отворање на домовите, кој пак им бил доставен од страна на Министерството за образование и наука.

Борјан Ефитмов, претседател на Универзитетско студентско собрание / Фото: Лична архива

„Од безбедносен аспект, сместувањето во студентските домови, според соодветни протоколи, е далеку побезбедно од сместувањето под кирија. Сместувањето во студентски дом би се одвивало во контролирани услови согласно соодветни протоколи. Намалувањето на капацитетите (1 студент во соба) и забраните за посети во собите и групирања, проследени со постојаната дезинфекција, значително го намалуваат ризикот за ширење на вирусот. Од друга страна, сместувањето во приватни станови под кирија, се одвива во услови кои не се под реална контрола на државата, најчесто во групи од 3 или 4 студенти, и најважно од сè, без применлива забрана за организирање на собири и забави во становите. Приватни собири кои досега се покажаа како најголем извор за ширење на вирусот“, потенцира Ефтимов.

Тој додава дека стојат на ставот да се отворат студентските домови, уверувајќи дека сместувањето во студентските домови е неспоредливо поевтино од сместувањето во станови под кирија, а затворањето на домовите практично ќе ги остави овие студенти на улица и ќе им предизвика големи дополнителни трошоци, во време кога целиот свет се соочува со економска криза.

Директорот на Државниот студентски дом Скопје, Дарио Николовски во изјава за Мета, вели дека студентските домови се спремни за отворање, ако од нив се побара тоа.

Дарио Николовски / Фото: Фејсбук профил на Николовски

„Првичниот предлог беше домовите да се отворат со капацитет од 50 проценти, но сè уште се разгледува таа опција. Мора да се земе предвид заштитата на јавното здравје, тоа да биде првиот приоритет, но да оставиме на надлежните да одлучат“, изјави Николовски.

Како што посочува тој, домовите се спремни да ги примат студентите, а како што нагласи во текот на изминатиот период додека тие беа затворени се работело на реновирање на дел од нив.

„Следува фаза во која ќе се реконструираат зграда 1 и 2 од студентскиот дом „Стив Наумов“ со цел студентите да добијат услови какви што заслужуваат, а во меѓувреме реновирани се и санитарните чворови во студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски-Питу’“ појаснува Николовски.