Министерството за образование и наука денеска информираше дека семејствата на повредените од несреќата во Кочани кои во моментов се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат услугите за сместување и исхрана на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во општина Карпош, студентскиот дом „Пелагонија“, студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Партенија Зографски“ исто така во Гази Баба, како и на ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Димитар Влахов“ во Кисела Вода.
„Во овие моменти на заедничка жалост да се здружиме и заеднички да покажеме колку сме хумани. Секој кој може на каков било начин да помогне, да го стори тоа, затоа што така на најдобар начин ја покажуваме почитта кон оние што ги погоди оваа голема трагедија“, велат од Министерството.
Од скопската општина Гази Баба информираа дека сите граѓани кои имаат потреба од престој и храна можат да се обратат кај Игор Петрески, претставник на „Партенија Зографски“ на бројот 075430106, кај директорот на студенскиот дом Иван Симоновски на 078292582 и кај Перица Пешевски од општината Гази Баба на 075336338.
За семејствата ќе биде обезбедена и храна и вода кои ќе бидат доставени пред болниците во Скопје.