Српскиот медиум „Информер“, на своето он-лајн издание неодамна објави текст со спинерско-„забавна“ содржина за односите меѓу Скопје и Софија. Текстот се појави по веста на српското издание на мултимедијалниот руски „Спутник“, кој преку соговорник од Софија тврдеше дека Северна Македонија имала територијални претензии кон западна Бугарија, а за што впрочем, на „Мета“ и на „Вистиномер“ беше објавена рецензија.

Веста накратко беше преобјавена од повеќе српски и други регионални медиуми, но ваква спинерска, божем, хумористична редакатура, плус со додадена невистина, како што тоа го направи „Информер“, не најдовме.

Имено, текстот на  „Информер“ е со сложен и огромен наслов кој започнува со кованицата „Смехотресно“  (SMEHOTRESNO! FRKA U SOFIJI, MAKEDONCI HOČE DEO BUGARSKE! Bratko I bratko ne razbiraju šta e čije! NATO KE DONESE PRESUDA)

Иако „смехотресен“ може да биде само обидот на „Информер“ за исмевање на македонскиот јазик поради падежите, во насловот и во текстот има повеќе невистини освен оваа „јазична“.

Прво, никаде, од ниту еден друг извор освен цитираниот соговорник од „Спутник“, не може да се заклучи дека во Софија има некаков страв, тревога, возбуда за односите со Скопје по прашање на некакви си територијални претензии.

Втората голема невистина е дека во спорот ќе морал да интервенира НАТО. „Имајќи предвид дека двете држави се членки на НАТО, Западната алијанса ќе мора да пресече“ – гласи последната реченица во текстот на Информер.

Точно е дека Северна Македонија е пред вратите на НАТО, но земјата сè уште не е формална членка. Понатаму, државата не ќе можеше ни да стигне пред вратите на западната воена алијанса ако имаше нерешени територијални прашања со соседите како што невистинито имплицира „Информер“. И на крајот, дури и Северна Македонија да беше полноправна членка, НАТО не се занимава со вакви шпекулации и  „проблеми“.