Над 500 службени возила веќе имаат нови таблици, а голем дел се во постапка која се очекува да биде завршена во наредниве две недели до кога е и рокот за унифицирање на возилата со специјалните таблици, најави денеска директорот на СОЗР, Ивица Томовски. Службените возила, заради полесно препознавање, ќе имаат унифицирани специјални регистарски таблици, кои се лесно видливи и јасно ги разликуваат службените од приватните возила.

Томовски денеска ја посети Општина Гази Баба која е првата скопска општина која изврши замена на таблиците на службените возила, а процедурата е при крај во речиси сите општини, како и во повеќето државни институции.

Тој информираше дека граѓаните од денеска можат да пријавуваат случаи на незаконита, партиска или приватна употреба на службени возила на 070 399 050 и на електронската адреса [email protected].

„Ги охрабрувам граѓаните да ги пријавуваат сомнежите за злоупотреби. Ние ќе ги препраќаме до надлежната институција, за да се пристапи кон истражување и потврдување на евентуална злоупотреба и преземање на соодветни казни“, изјави Томовски кој истовремено ги повика сите институции да направат рационализација на возниот парк.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска рече дека тој се вози со приватно возило.

„Кога ја презедов функцијата, веднаш ставивме GPS-уреди на сите возила. Тоа беше првиот чекор. Сега, со новите таблици, комплетно се спречува користење на службените возила за приватни цели. Јас лично користам приватно возило и сметам дека транспарентноста и одговорното управување со јавните ресурси мора да бидат приоритет,“ изјави Стефковски.