„Слушни ме“ – кампања што ги вади на површина потребите на младите во општините

Кога воздухот е исполнет со најавата за претстојните локални избори што беше пуштена во етерот пред некое време, неизбежно е да се поттикнуваат теми, иницијативи и настани поврзани со изборите.

Изборите претставуваат симбол на демократските општества, во кои граѓаните имаат право на глас да го одредат својот предводник за одреден период кој следи. Локалните избори се одвиваат на локално ниво, каде покрај кандидати за градоначалници се јавуваат и кандидати за советници.

Пред изборниот ден за локалните избори на 17-ти октомври, и оваа година во Македонија се организираа многу предизборни настани. Но, колку помладото население е запознаено со своето право на глас и е вклучено во процесот на избор на кандидат и исполнување на барањата на едно општество? Дали младата популација, во моментот кога станува овластена за гласање го добива она што го бара и колку е вклучена во истото? Се зборува дека заинтересираноста на младите е намалена, но дали нивниот глас се слуша воопшто?

„Слушни ме“ се јавува како иницијатива – одговор на ваквиот општествен проблем, што е креирана кон крајот на септември годинава и ја спроведува Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип (ФРЛЗ – Штип), Центар за едукација и развој – Теарце (ЦЕД – Теарце) и Центар за интеркултурен дијалог – Куманово (ЦИД – Куманово). Истата има главна цел за поткревање на свеста кај младите за проблемите и приоритетите на локално ниво, во пресрет на локалните избори 2021.

„Според истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер за социо-политичкото учество на младите објавено оваа година, дури 64,8 отсто од младите се незадоволни со своето место во општеството. Младите немаат доверба дека некој се грижи за нив, 8 од 10 млади мислат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми, додека 3 од 10 млади сметаат дека властите не ги знаат нивните потреби и проблеми“, велат за Мета.мк од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

Тие додаваат дека малку од младите се консултирани од страна на институциите, а тие што се консултирани и преземаат општествена иницијатива, се позадоволни со своето место во општеството.

„Оваа кампања ги вади на површина потребите на младите од повеќе општини, за самите тие, но и носителите на одлуки и учесниците на изборите да бидат свесни што им треба на младите и како да го обезбедат тоа. Иако истражувањата велат дека младите гласаат на избори (53 отсто редовно гласаат, 26 отсто понекогаш гласаат), сепак интересот и информираноста за политичките настани и случувања е видно мала. Со оваа кампања сакаме да ги приближиме информациите за политиката до младите на начин кој е поинаков и може да им го пробуди интересот за политичките случувања“, појаснуваат од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Иницијатива „Слушни ме“

 

Кампањата ги информира младите за изборите преку социјалните мрежи, а како дел од кампањата, младите можат да гласаат за најважните идеи за решавање на проблемите на младите во шест општини на сајтот: www.slushni.me.

„Веб-страницата на  „Слушни ме!“ во фокусот го вклучува пронаоѓањето и промовирањето на потребите на младите од шест општини: Карбинци, Куманово, Липково, Теарце, Тетово и Штип. Преку оваа веб страница младите можат да гласаат за приоритети во секоја од овие општини. Гласањето за младински идеи треба да ги доближи идеите и предлозите на младите до кандидатите за градоначалници во истите општини. Препораките од младите ќе бидат доставени до избраните градоначалници и советници за да се даде идеја и импулс да се заложат за подобрување на локалната самоуправа според потребите на младите“, велат организаторите.

Приклучувањето кон истата и гласањето за идеи, како и давање на нови идеи, е навистина лесно и пристапно.

„Во соработка со граѓански организации и преку фокус групи, дискусии и онлајн прашалници ги консултиравме младите од 6 општини. Така, младите од Куманово, Штип, Тетово, Теарце, Липково и Карбинци ги дадоа своите идеи за подобри општини. Сите заинтересирани млади можат да ги погледнат и да се вклучат во гласањето за тоа што е најпотребно, а доколку сакаат да помогнат во решавање на проблемите во локалната заедница може да го направат тоа преку следење на работата и вклучување во активностите на партнерските организации. Сите кои сакаат да видат што им треба на младите на локално ниво и да се инспирираат, може да го направат тоа на www.slushni.me. На оваа страница може да гласаат за најдобрите три идеи во секоја општина. Одбраните „Топ 3“ приоритети ќе бидат доставени до кандидатите, но и до идните избрани градоначалници и советници во локалните самоуправи“, појаснуваат од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

Покрај користењето на онлајн дискусии и прашалници, „Слушни ме“ организира и дебати помеѓу кандидатите за градоначалници и младите засегнати со новите идеи.

„Во партнерство со Центарот за интеркултурен дијалог – Куманово неделава се организираше дебата на кандидатите за градоначалници на Куманово, каде тие дискутираа и слушнаа што младите очекуваат во својата општина. Вакви дебати ќе се организираат и во Штип и Тетово во вториот круг на изборите, каде младите ќе може да ги пренесат своите пораки до кандидатите“, потенцираат од „Слушни ме“.

Младински идеи, фото: иницијатива „Слушни ме“

Иако станува збор за различни општини, проблемите на младите во многу од нив се слични, истакнуваат од „Слушни ме“.

„На пример, младите во речиси сите општини сакаат да се отворат младински центри каде ќе се едуцираат и соработуваат. Тие сакаат да се подобри јавниот превоз со повеќе линии и јасен распоред на возење, а оние од руралните средини сакаат подобро поврзување на селата со градот. Младината сака да се обезбедат кино проекции и простории за културни настани, да се уредат паркови и рекреативни простори, да се расчистат сметот и депониите, да се отворат читални и многу други идеи. Младите во своите предлози не се грижат само за себе, туку и за сите сограѓани – барајќи подобар јавен превоз, улично осветлување или пристапни улица за лицата со попреченост. И покрај тоа што овие предлози се само од 6 општини, дел од иницијативите од поголемите урбани центри би имале позитивен придонес и кон други општини од сличен профил“, објаснуваат од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Организаторите велат дека се задоволни што и покрај интересот да дискутираат за своите проблеми, има заинтересираност и отвореност и кај кандидатите за градоначалници да ги дискутираат овие прашања.

„Истовремено целиме и сакаме „Слушни ме“ да допре до што е повеќе млади луѓе, кои ќе ги видат содржините и идеите за подобрување на општините“ – појаснуваат организаторите“.

На страницата на Фејсбук на кампањата, постојано пристигнуваат прашања и коментари. Преку оваа кампања, тие дошле до 38 креативни и реални идеи за решавање на локални проблеми во 6 општини, кои дојдоа изворно од самите млади.

Иницијатива „Слушни ме“

Тие додаваат дека кампањата има за цел да продолжи да постои и по изборите додека не се постигне првоизбраната главна цел.

„Дури 83,9 отсто од младите не веруваат дека може да влијаат врз тоа што и како работат властите. Преку оваа кампања сакаме да ги промовираме нивните потреби и да ги поттикнеме институциите да работат за нив. По изборите, „Слушни ме“ ќе ги достави идеите на младите до избраните градоначалници и до советите на општините со кои соработуваме. Во секоја општина органите ќе бидат запознаени со избраните решенија кои им требаат на младите и ќе бидат поттикнати да работат на нив во своите мандати. Мрежата на млади и организации ќе работи со локалните самоуправи за да се осигура имплементација на предлозите. По изборите на каналите на социјалните медиуми ќе објавиме и други корисни податоци и информации. Се надеваме дека оваа кампања придонесе општините да работат за повеќе можности за младите, а младите да се охрабрат да се застапуваат за своите приоритети пред институциите, користејќи го своето право на глас, преку застапување и активизам“, велат од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Идејните содржини од ваков тип се креираат со цел младината да се задржи дома, да се даде причина за да се намали миграцијата на младото, и општо, на населението на земјата. Успехот на ваквата иницијатива зависи од нејзиниот клучен фактор – младите и нивната активност за општества во кои живеат. Растот на ваквата бројка може да претставува прв чекор во формирање на нови, подобри средини за живеење населени со задоволни граѓани, но и да придонесе за градоначалници со покачена свест за потребите на граѓаните во локалните самоуправи. Кампањата е дел од проектот Иницијативата за демократија на Западен Балкан спроведуван од страна на ВФД, со поддршка од Британската влада.