fbpx

Случајот „Маѓар телеком“ финишира во САД, кај нас заглавен во обвинителствата и во судовите

-

Во Македонија во моментов се водат две постапки за „Маѓар телеком“, кои, иако се почнати поодамна, намерно или не, никако да мрднат од мртва точка.

Вчера поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб и Андрас Балог, кои беа обвинети за водење тајни договори со премиер и со други лица од Македонија за да ја спречат конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, се спогодиле да платат парични казни, од 250.000, односно 150.000 долари, соопшти Американската комисија за хартии од вредност.

Исходот за „Маѓар телеком“ во САД доаѓа во време на тешка политичка криза во Македонија и блокада на институциите. Истовремено, СЈО прави обиди да изврши увид во компјутерскиот систем на „Телеком“, во рамките на истрагата за случајот „Таргет“, кој треба да утврди кој го вршел незаконското прислушување во земјава.

Исто така, вчера, обвинители на СЈО одржаа „работна средба на повисоко ниво“ со претставници на „Македонски телеком“, во врска со истрагата за масовното прислушување.

За давањето поткуп на високи државни функционери, Јавното обвинителство кон средината на 2015 година отвори истрага по допрен глас, откако јавно беше објавено сведочењето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Слободан Богоевски, пред Окружниот суд во Њујорк, во кое тој тврди дека поранешните директори на „Маѓар телеком“ дале 2,5 милиони евра поткуп на тогашниот премиер Владо Бучковски и на претставниците на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.

Кон крајот на септември 2015 година, Богоевски беше повикан и четири часа даваше исказ во Јавното обвинителство.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во февруари минатата година побара да го преземе ово случај од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, кое одби да го даде предметот и топката ја префрли во Советот на јавни обвинители, тој да одлучува дали предметот ќе му биде даден на СЈО или не. Оттогаш, нема никаква разврска околу преземањето на предметот и покрај инсистирањето на СЈО.

Во Македонија се води и случај против поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, кои се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу 2 милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите.

Истрагата за овој случај почна во 2008 година, а три години подоцна, односно во 2011 година беше поднесено обвинение. Но, судењето за овој случај и по шест години никако да почне, а рочиштата постојано се одложуваат. Обвинетите досега ниту еднаш не се појавија пред македонските судови, иако против нив беше распишана и меѓународна потерница, а им беше одредена и мерка притвор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...