Случај „Дениса“: Добиениот материјал е неподобен за анализа

Резултатите ќе бидат доставени до Министерството за здравство и до родителите на Дениса

Институтот за судска медицина ја почна обдукцијата врз телото добиено од грчките власти. Директорот на Институтот, Алексеј Дума, вели дека најпрвин треба да се утврди идентитетот на телото, односно, дали станува збор за прилепчанката Дениса Маркоска. Цела вечер траеле подготовките за обдукција, бидејќи телото е неподобно за анализа. Грчките власти, освен телото на починатата, до Институтот за судска медицина испратиле само посмртница, иако со меѓународни договори е предвидено да се достави комплетен извештај и придружна фотодокументација.

Колку време ќе му биде потребно на Институтот да ја заврши комплетната реобдукција, професорот Дума не кажува, но уверува дека таа ќе биде завршена крајно професионално и според највисоки стандарди и норми пропишани од Советот на Европа, односно Комисијата за форензика.
Резултатите од реобдукцијата ќе бидат доставени до Министерството за здравство и до родителите на Дениса, како баратели на обдукцијата.

Дениса Маркоска исчезна на 12 септември од бродот „Серинисима“, на кој работела. На 4 окромври било пронајдено тело во морските води, а обдукцијата која грчки органи ја извршиле со 99,9 отсто сигурност потврдува дека се работи за младата прилепчанка. Семејството побара реобдукција сомневајќи се во резултатите на грчките власти.