Јамајка ја призна независноста на Косово – веста што вчера одекна во медиумскиот простор во Косово, но и во регионот, само неколку часа подоцна се покажа неточна. Медиумите речиси идентично ја пренесоа оваа вест, повикувајќи се на објавата на Твитер-профилот на косовскиот претседател Хашим Тачи, проследена со објави од највисоките косовски функционери.

Беа потребни девет часа за министерката за надворешни работи на Јамајка, Камина Џонсон – Смит (Kamina Johnson – Smith) на Твитер да ги демантира наводите на Тачи: „До денеска, Јамајка не го признала Косово како независна држава“. Сепак, во тие девет часа медиумскиот простор беше преплавен со вести за признавањето.

 

(До денеска, Јамајка не го признала Косово како независна држава. https://t.co/HLNtJaOWLh

— Hon. Kamina J Smith (@kaminajsmith) February 21, 2020)

Новинарката на БИРН, Маја Живановиќ смета дека кога станува збор за оваа тема, и претходно доаѓало до дезинформирање и дека требало медиумите да постапат повнимателно и да се обидат да ги проверат наводите на Тачи.

-Разбирам дека на тој начин се губи на ексклузивност, но барем сте сигурни дека на својата публика сте ѝ предале вистинита вест. Значи, во овој случај требало медиумите да се обидат да добијат доказ од претседателот на Косово, којшто ја објави информацијата, или потврда од властите на Јамајка – објаснува Живановиќ.

Сепак, таа додава дека доколку медиумите сакаат да бидат први и ексклузивни, тогаш би требало на информациите што ги објавуваат државните функционери на социјалните мрежи да им пристапуваат со оградување, односно да не пренесуваат информации без да наведат кој стои зад некое тврдење и да остават простор за сомнеж.

На претседателот на Косово во споделувањето на информацијата му се приклучија и други највисоки косовски функционери, изразувајќи ѝ благодарност на оваа карипска држава. Така, новоизбраниот премиер на Косово, Албин Курти наведе дека Јамајка „официјално ја признала независноста на Косово“, оценувајќи дека тоа е „добар почеток на 2020 година за косовската дипломатија и новата влада“. Претседателката на парламентот на Косово, Вјоса Османи порача дека тоа било „исправна и праведна одлука“.

Живановиќ потсетува дека на Балканот многу се зборува за лажните вести, но не и за тоа дека честопати извори на дезинформации се самите политичари.

-Затоа, секоја објава на некој политичар на социјалните мрежи, баш поради таа култура со леснотија да се даваат изјави и тврдења, би требало да се објавува со оградување и јасно да се наведе кој стои зад таквото тврдење. Исто така треба, кога е тоа можно, да се направи проферка на фактите за информацијата, посебно кога станува збор за информации што и претходно биле предмет на оспорување, неслагање, но и за информации што се од големо значење за јавноста, како оваа – вели новинарката на БИРН.

Додава дека, освен тоа, многу е битно редакциите да ги обучат своите новинари да препознаваат лажни профили на социјалните мрежи, што се создадени со цел ширење дезинформации.

Потсети на неодамнешниот случај со веста за смртта на Ратко Младиќ, кога италијански новинар намерно пласираше лажна вест, а медиумите на Балканот масовно ја пренесоа како точна.

-На БИРН му требаа дополнителни половина час за да објават ексклузивна информација – дека веста е лажна.

Основно што треба да се направи е да се прегледаат сите претходни објави на профилот на социјалните мрежи што го сметаме за извор. Да се утврди дали е кредибилен, на основа на претходните објави. Обично тука веднаш можете да намирисате потенцијална стапица. Новинарите на БИРН многу често се обидуваат да контактираат со сопственикот на профилот преку приватни пораки, а во исто време треба да се контактираат сите на коишто таа информација се однесува и да се обидете да добиете потврда од другите страни – објаснува Живановиќ.

Колку држави денеска ја признаваат независноста на Косово е тешко прашање. Додека од една страна од Приштина порачуваат дека станува збор за 116 земји, од Белград тврдат дека таа бројка е пониска.

Српското министерство за надворешни работи во последниве години активно работи на спречување на признавања на Косово, но и на лобирање за повлекување на признавањата од држави што претходно го сториле тоа. Министерството на Република Србија досега објави дека 17 држави го повлекле признавањето на Косово, а овие објави најчесто беа проследувани со тврдења од косовска страна дека станува збор за лажни вести.

Живановиќ истакнува дека ова прашање е проблематично, со оглед на тоа што, како што додава, владите на некои од тие земји немаат свои веб-страници.

-Меѓутоа, она што новинарите можат да го направат е да извршат поголем притисок врз политичарите во Косово и Србија со своите тврдења да приложат и официјални документи со кои ќе ги поткрепат. А токму тоа е она што политичарите цело време избегнуваат да го прават – вели таа.

Денеска се поставува прашањето кој е одговорен за ширењето на неточната вест. Од кабинетот на косовскиот претседател одговорноста ја префрлија на амбасадорката на Косово во САД, Вљора Читаку, наведувајќи дека од неа синоќа го добиле известувањето, кое исто така било доставено и до кабинетот на косовскиот премиер и до Министерството за надворешни работи и за понатамошни информации упатија на ова министерство.

Од министерството, од друга страна, повторно преку социјалните мрежи, се огласи министерот Глаук Коњуфца, потврдувајќи дека Читаку таа информација ја испратила по мејл. Коњуфца додаде дека е во контакт со амбасадата во САД за да се разјасни ситуацијата и порача дека „по разгледувањето на ситуацијата, бргу ќе преземе чекори во склад со одговорностите на секого“.

-Она што го знаеме е дека Јамајка не испратила официјално известување за признавање на Косово, а другото е продолжение на незрелата надворешна политика на Косово- смета аналитичарот од Приштина, Шпетим Гаши.

Читаку сѐ уште не се огласила по ова прашање.

Изворните објави на косовските функционери сѐ уште се достапни на Твитер, освен објавата на поранешниот министер за надворешни работи Беџет Пацоли, кој ја замени со нова: „Во секој случај, благодарам“.

 

(Во секој случај, благодарам Јамајка, благодарам министерке @kaminajsmith , благодарам САД,@RepEliotEngel
Косово и Косоварите ќе останат засекогаш верни пријатели на владата и на народот на Јамајка pic.twitter.com/GEJdc2hFUi

— Behgjet Pacolli (@pacollibehgjet) February 21, 2020)

Пишува: Милица Радовановиќ