fbpx

Словенија со јасна поддршка за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ

-

Словенија дава јасна поддршка на нашата земја за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ како почеток на преговорите за пристапување. Словенечкиот претседател Борут Пахор, во рамките на дводневната посета на Македонија, вчера изјави дека меѓувладината конференција меѓу Македонија и ЕУ не смее да се одложи, затоа што тоа ќе ги загрози интересите на нашата земја, на регионот и на ЕУ.

„Мојата посета тука не е случајна, не е случајно ниту времето на посетата. Го избрав зашто сакам како една од 27-те држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува Меѓувладината конференција на Северна Македонија со Европската комисија“, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор.

Тој го објасни искуството на Словенија на европскиот пат, посочувајќи дека земјата била во позиција и да блокира и да биде блокирана. Пахор потенцираше дека Северна Македонија и Бугарија треба да најдат заедничко решение, бидејќи кога се блокираат договори станува политичко потешко да се дојде до компромис.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски по средбата со Пахор изјави дека Словенија безрезервно ја поддржала одлуката на Европскиот совет во март оваа година за почеток на преговорите за нашето членство во ЕУ, а сега не поддржува во намерата да ја одржиме првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година.

Тој појасни дека се согласува на компромис меѓу нашата земја и Бугарија, но и посочи дека црвените линии се јасни. За шефот на државата, Меморандумот на Бугарија е стартна позиција, а не последен став и верува дека првата меѓувладина конференција на Македонија нема да биде блокирана овој декември.

Борут Пахор вчера оствари средба и со премиерот Зоран Заев, којшто му се се заблагодари на словенечкиот претседател за традиционалната, искрена и посветена поддршка што ја дава Словенија на нашата држава во сите демократските процеси, испраќајќи порака дека регионалната соработка е исклучително важна и дека единствениот начин за просперитет на граѓаните е прашањата да се решаваат на начин кој сплотува, а не разединува.

Во рамките на дводневната официјална посета на Македонија, словенечкиот претседател Пахор денеска во Охрид ќе присуствува на показна вежба на специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија во Кампот за обука на вода во Охрид, како и ќе има прошетка и разгледување на културните знаменитости во Охрид.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...