Словачки полицајци ќе спроведуваат заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, со намера за превенција на неовластено преминување на државната граница и за подобрување на јавната безбедност, информира Амбасадата на Република Словачка во Скопје. Врз основа на меморандумот за разбирање помеѓу министерствата за внатрешни работи на Словачка и на Македонија, на 7 ноември ќе пристигне петтата ротација на 25 припадници на словачката полиција. Според информациите, тие ќе бидат распоредени во областа на Дојранско Езеро.

Досега Република Словачка испрати вкупно 125 полициски службеници, што е најголем придонес по жител од осумте странски држави што учествуваат во заедничките операции во Македонија.

„Помошта е израз на солидарност во решавањето на мигрантската криза и во контекстот на актуелното словачко претседателство во Советот на ЕУ, каде еден од приоритетите е одржлива мигрантска и азилска политика“, истакнуваат од Амбасадата.

Најавено е дека полицајците ќе бидат соодветно опремени со теренски моторни возила, термални камери и со уреди за ноќно гледање. Мандатот на словачката полициска мисија ќе трае 30 дена со можност за продолжување.