„Слобода?!“ – заедничка изложба на македонски и бугарски ликовни уметници во Ловеч

Фото: КИЦ на Република Северна Македонија

Во организација на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија и Уметничката галерија „Проф. Теофан Сокеров“, денеска, со почеток од 18:00 часот за прв пат во град Ловеч ќе биде претставен проектот „Поврзување“ и изложбата „Слобода?!“.

Оваа групна изложба на 15 современи македонски и бугарски ликовни уметници претходно имаше своја успешна премиера во Созопол. Со ова гостување, како што истакнаа од КИЦ, се продолжува реализирањето на целта на проектот, поддржан од Министерството за култура на РСМ, да бидат претставени новосоздадени ликовни дела на современите уметници, како и да се поврзат ликовните сцени од двете земји.

Од КИЦ додаваат дека во изложбата најзастапени се сликарските дела меѓутоа ќе бидат изложени и графики, фотографии како и дигитални плакатни дизајни. Се среќаваат различни техники и авторски искази кои кореспондираат со зададената тематска насока. Од користење на различни форми на комбинација на сликарските техники до еднородна сликарска техника во конвенционален вид. Употребуваните сликарски материјали се движат во широк распон, со употреба на маслени и акрилни бои, молив, креда, пастел, апликација на дополнителни материјали кон основата која може да е хартија, платно или МДФ.

„Графиката е претставена во најголем дел со класичните графички техники – висок и длабок печат, како: линорез, мецотинта, акватинта, бакропис, сува игла, како и комбинации меѓу некои од нив, а исто така е застапен во помал дел и дигиталниот печат“, се вели во соопштението од КИЦ.

Изложбата „Слобода?!“ е посветена на нематеријалниот поим и акцентот е врз прашањето и визуелниот одговор преку делата, за тоа како секој автор поодделно реагира на чувствувањето на нашата современа слобода.